loader image

Мијачка Носија

Мијачката народна носија е застапена не само во мијачката етничка целост (селата Тресонче, Галичник, Росоки, Селце, Гари, Осој, Лазарополе), туку таа е распространета и надвор од неа во други етнички предели и ги опфаќа овие населби: Смилево (Битолско), Папрадиште и Ореше (Велешко), Ехловец (Кичевско) и Крушево.

Главна одлика на оваа носија е особено богатиот алов и “кинат” – ажуриран вез, кој главно е застапен на женската носија, и тоа претежно распореден на ракавите и предниците – “партите” од кошулата. Покрај тоа, уште се одликува со изобилство на реси распоредени речиси низ целата носија, како и со метален накит, кои на оваа облека и придаваат достоинствен и господарствен изглед. Носијата на Мијаците укажува за нивното болјарско (царско) потекло. Особено со такви богати украси на вез, накит и друго, се одликува невестинската носија.

Белите клашнени облеки, украсени со црни гајтани, се главни одлики на машката мијачка носија. Ова е условено од климатските и стопанските услови во кои тие живееле (живеат) како сточари во планинските предели на планината Бистра, Стогово, Крчин и Кораб.

Мијачката женска народна носија изобилува со голем број детали:folk-costume-macedonia14

1.Минтан – долна облека од клашна, украсен на предниците и ракавите со кадифе, згора извезен со срмено “букме” и гајтани. Вез – “лоза” се закопчува со сребрени филигрански петлици.

2. Кошула “тнока” – од домашно дебело платно, целосно извезени ракави. Го добила името по главниот орнамент застапен на ракавите и кошулата.

3. Елек – од домашно платно, предниците потплатени со “свита” – чова и згора украсени со срмени гајтани и позлатени петлици.

4. “Клашненик гувеалски” – горна облека, од домашна бела клашна. Предниците – “свитките” богато извезени со срмени и “алосани” гајтани, “букме” и позлатени “петлици”. Долу клашеникот е украсен со гајтани и бикме. Наместо ракави има “паткавици” – “рокави” (украсни парчиња што се спуштаат низ плеќите).

5. Појас – ткаен четворно од “чиста” црвена волна. По краиштата богато украсен со “киски” – реси.

6.”Препашка” – појас, лито ткаена од алова преѓа со прави шарки, по краиштата украсена со “китови” – реси и “поплети”.

7. “Ризинче” – свилено шамивче, индустриски производ.

8. “Фута стамболска” – скутина, цариградска копринена, украсена со “колца”.

9. Шамија – свилена со “киски” – реси, индустриски производ.

10. “Чапрази” – со “трепетушки” – пафти со срмен колан.

11. “Низалка” – накит за потпојас, со три реда синџири поткитени со сребрени пари, кувенџиска обработка.

12. Ѓердан поткитен со “дубли” – златни пари.

13. Чорапи “гувеалски” – плетени од волна, ишарани со шарбите “петнаесет игли” и “девет игли”.

14. “Врзаници” – невестински чевли, направени од жолта и црвена кожа “сафтијан”, ишарани со “з’мба”.

15. “Калемќар” – волнена шамија за на глава, индустриски производ.Игла за на глава

16. “Игла” од сребро – накит за на глава со четири реда синџири, а на средина со чапрасчиња, кувенџиска изработка.

17. Ушници со трепетулки – накит за над уши.

18. “Плетеници” – украс за на коса, направени од волнени “алосани киски” – рески, украсени со плетеници и “жапки”.

Сокај за на глава19. “Сокај” – украс за на глава, направена од алова “свита” – чова и платно. Долниот дел украсен со срмени ширити и китки.

 

 

Мијачката машка народна носија:

1. Кошула – од тенко домашно памучно платно.folk-costume-macedonia13

2. “Жамадан” – минтан од “свита” – чова, со капаци околу рабовите опточени со машински “тегели” од жолт и црвен конец од макара. Предниците и ракавите украсени со купечки “петлици” – копчиња.

3. “Бечви” – од бела клашна насекаде по рабовите украсени со црни гајтани, од страните имаат по два “жеба” – џеба, а напред кај “кутелецот” има два цепа за полесно облекување на бечвите.

4. Појас – исткаен од “чиста” – вишна волна, четворна ткаенина со прави шарки.

5. “Зобанче зетовско” – од темна или црна клашна. Горна облека долга до појас со “ќулавка” – широка јака која се употребува како засолница од лошо време, дожд, ветер и друго и куси “рокави” – ракави, терзиска изработка.

6. “Кече” – капа од црн сатен, украсено со “машински тегели”, занаетчиска изработка.

7. “Чипили” – чевли од црна кожа. Чевларска изработка.

8. Чорапи – “ластиклии”, плетени од црна волна.

Извор:
“Македонски народни носии”, во издание на Етнолошки музеј на Македонија, од 1963 година, како и материјали од приватните колекции на жители од село Тресонче.