loader image

ЦИЦАЧИ

 

 

 

Во околината на Тресонче, низ неговите дабови и букови кории се среќаваат голем број видови растенија и животни, карактеристични за македонското поднебје. Бивајќи дел од националниот парк “Маврово”, на планината Бистра во атарот на селото се изградени две ловочуварски куќи во кои има 24 часовно присуство на шумари во текот на сите денови во годината. Ваквото присуство на власта е резултат на богатиот животински и растителен свет, кој вклучува мечки, дивокози, диви свињи, срни, лисици, волци, букови и дабови дрва и пастрмка во Тресонечка Река.

На високите врвови над селото на пролет и во текот на летото изникнуваат зелениот планински чај, мајчината душица, камилицата, кантарионот, шипките, малините, шумските јагоди, дивите сливи, јаболката и габите. Нивниот квалитет е доста висок поради незагаденоста на околината, каде не постојат никакви индустриски и рударски капацитети или поголеми собраќајници.

Пристапот до околните планински локации е исклучиво без употреба на моторни возила со што и квалитетот на воздухот е на највисоко можно ниво.

Во подолните редови следуваат основни податоци за видовите животни и растенија што живеат во атарот на Тресонче.

Мечка ( Ursus Arctos )

Кафеавата мечка е една од најраспространетите животни од фамилијата на мечки во Европа и може да се сретне скоро во целата северна хемисфера на светот. Се среќава и во планините околу Тресонче особено во повисоките предели и по речната долина.

Кафеавите мечки се големи цицачи чија големина варира во зависност од животната средина. Нејзината просечна големина изнесува 100 см кога е на сите четири нозе, додека должина на телото и е просечно околу 200 см . Просечната тежина изнесува 150 – 375 кг и е со просечен животен век од околу 25 години. Шепите се со кафеава боја и целото тело и е покриено со густо крзно. Воглавно мечките во околината на селото се вегетеријанци и јадат вооглавно сливи, јаболки, капини, малини, разни корења, лешници од сите облици, тревки и др. Но, исто така се храни и со риби, различни инсекти, мравки, разни мали цицачи и др. Сепак, низ годините во реонот на Тресонче се забележуваат и месојадни мечки кои од време на време причинуваат штети на добитокот.

Кај нас живее кафената мечка која се соочува како во Европа така и кај нас со опасноста од целосно нејзино исчезнување. Нејзиното живеалиште – шумите се се позагрозени, а со тоа и самата мечка. Овој вид мечка во Македонија е застапена во трите национални паркови, забранета е за ловење, но нејзиниот број и понатаму се намалува.

 

Рис ( Lynx Lynx )

Рисот е доста редок жител на планините околу Тресонче. Не е забележан случај оваа дива мачка да предозвикувала проблеми за стоката или на жителите. Има сивкасто крзно со црни дамки со кратки краеви. Неговите долги нозе и големи стопала се прилагодени за ладни клими, така што во зимски услови не пропаѓа во снегот при движење.

Негови живеалишта се планинските и шумските региони подалеку од селото, иако неколкупати рис бил среќаван и во околината на селото. Поголемиот дел од денот го преспива. Рисот се храни со ловење различни цицачи, но омилени му се младенчињата на срните. Тој лови со помош на гледање и звук и е успешен скоро во секој 6-ти обид, а обично се храни навечер. Неговото тело просечно е долго 80-130 сантиметри, има тежина 18-35 кг и е со просечен животен век од околу 17 години.

 

Дивокоза ( Rupicapra Rupicapra )

Дивокозата е прекрасен жител на планинските врвови околу Тресонче, особено на врвот Брзовец. Живее на доста непристапни карпести терени над селото, но некои примероци слегуваат и во самата тресонечка котлина. Денес дивокозата на Брзовец се соочува со енормно намалување на нејзиниот број поради што е потребна нејзина целосна заштита.

За таа цел над селото има изградено шумарска куќа од каде секојдневно се внимава на ловокрадци. Дивокозата речиси во текот на целата година е забранета за отстрел, а казната за ловокрадство на ова животно изнесува околу 800.000 денари или до 2 години затвор.

Срна ( Capreolus Capreolus )

Срната се среќава во шумите околу Тресонче. Ова животно е нежно и омилено меѓу љубителите на природата и децата, но, за жал, омилен плен е на ловците, како кај нас така и на други планини во земјава. Во Македонија е трајно забранет ловот на ова животно, а особено на Бистра чија територија влегува во границите на националниот парк “Маврово”.

Денес во Македонија нивниот број изнесува околу 10.000 примероци. Срната е преживар и се храни исклучиво со растителна храна. Телото на срната е грациозно, елегантно и хармонично градено. Нозете им се тенки и долги. Бојата на влакната има црвеникаво – портокалова нијанса во летниот период, а во зима преминува во костенливо – пепелава.

Волк ( Canis lupus )

Волкот е познат месојадец, со сивкаста боја, висок околу 80 см. и долг до 1,5 метри. Доста чест посетител на тресонечкиот атар. Бројот на волците е поголем во зимскиот период, ког а се случува да заколат некое домашно животно, но тоа се случува и на лето. На зима волците живеат во чопори, напаѓајќи ја стоката, особено овците со што им нанесуваат големи штети на жителите во овие краеви. Но, во последно време поради општото мислење за него како штетник, волкот е изложен на истребување.

Познавачите на животните опоменуваат дека на волкот му се заканува изумирање. Поради ваквото мислење за него тој е подложен на масовен лов, поради што тие се повлекуваат се подлабоко во шумите. За отстрел на волк, националниот парк “Маврово” исплаќа награда до 1.000 денари. Во реонот на Тресонче во изминатите децении не се отстрелани повеќе од три-четири волка.

Лисица ( Vulpes vulpes )

Во реонот на Тресонче се среќава и лисицата. Иако нивниот број не е голем колку во други области во земјава, не може да помине вечер, а доколку излезете низ шумите, да не чуете или видите барем една. Се хранат со помали животни и мрши. Честопати слегува и низ селото претура низ селските буништа. На зима има доста квалитетно и рујно крзно, па понекогаш е цел на ловците.

Дива свиња ( Sus scrofa )

Присуството на диви свињи во шумите околу селото во последните години е значително намалено, речиси сведено на минимум. Ваквиот пад на нивниот број во тресонечкиот атар, шумари те го толкуваат како резултат на немање храна. Суровата планинска клима честопати на пролет ги уништува желадите и јаболкниците, така што дивите свињи заминуваат на други реони низ Македонија. Овие животни можат да се сретнат по околните ридови, особено навечер. Се хранат со диво овошје, желади и корења. Женката (маторицата) може да роди и над 10 прасиња, но мал дел од нив преживуваат.

Во реонот на Тресонче се среќавале примероци на самјаци (вепри) тешки и до 250 кг со црни влакна и долги трофејни заби. Во текот на годината (особено зиме) ловците од ова, но и од околните села, Селце и Росоки, се собираат на хајка на диви свињи, но веќе неколку години бројот на отстрелани примероци е доста низок.

ЛОВ
Рекреативен лов во шумите на Тресонче