loader image

Православни храмови и свети места во Тресонче

Жителите на Тресонче биле православни верници уште од најраните денови на населувањето на Мијаците на планината Бистра. Близината на манастирот “Свети Јован Бигорски” отсекогаш вршел големо влијание врз воцрковувањето на жителите од Мала Река, а преку тој манастир Мијаците развивале и директни врски со светогорските манастири на Атос, а особено со манастирот “Зограф” (“Свети Ѓорѓи”), каде во минатото се замонашувале голем број Мијаци и Македонци воопшто.

Според проучувањата, во Тресонче до сега не се пронајдени остатоци од постоење на другите религии пред христијанството, а со тоа не се пронајдени ниту остатоци од пагански храмови или светилишта. Сепак, во народните обичаи се зачувани голем број нехристијански обреди кои се својствени за целата територија на Македонија, а се поврзуват со разните адети кои се практикуваат спроти големите православни празници.

Во Тресонче моментно постојат два централни православни храма кои се под надлежност на Дебарско-киче вската епархија на Македонската православна црква: “Свети Петар и Павле” и “Свети Никола”, но на околу еден километар западно од селото во месноста “Штали” се наоѓа и малиот храм посветен на “Света Петка”  а под врвот Брзовец на север во една карпа се наоѓа и едно светилиште посветено на празникот “Водици“. Во маалото Врлевци постоело уште едно светилиште или мало храмче посветено на Св.Јован Крстител.

Во денешни дни во тресонечките цркви, за жал, не се служат богослужби и литургии. Тоа се случува највеќе еден пат годишно, односно на “Петровден” во храмот “Свети Петар и Павле”.

Оваа црква е доминантен објект во селото. Иако е помала и понова од другиот храм “Свети Петар и Павле”, таа е поставена на самиот влез во селото, како своевиден чувар и заштитник на Тресонче.

Се наоѓа во непосредна близина на Ленишча, на западните падини од селото. Градена е кон крајот на 19 или во почетокот на 20 век. Претставува мал, складно граден објект, по концепција еднокорабен, со централно поставена купола на низок тамбур. Ориентацијата на храмот е исток (олтарна апсида) – запад. Самата содржина на објектот претставува минимален простор за вршење верски обреди и ги содржи следните елементи:

  • Влез директно во објектот
  • Централен дел – наос
  • Олтарна апсида со ниши за проскомидија и ѓаконикон, одделени од наосот со иконостас
  • Хорска галерија на запад

Над централниот дел е поставена куполата над осумаголен тамбур, на височина од 4.5 метри над слемето на покривот. Забележителни се конзолните испусти на јужниот ѕид над влезната врата, што укажува на тоа дека на јужниот дел од храмот постоел наткриен простор – трем, кој денес не постои.

Во левиот западен агол од наосот се постевани дрвени скали кои водат до хорската галерија. Исто така, до оваа галерија може да се дојде и преку директен влез однадвор, од кај куќата на Дуншуровци.

Во внатрешната декорација и обликување на просторот видно место зазема иконостасот кој е се уште добро зачуван, а исто така има и мали остатоци од фрескоживописот кој пак е во доста лоша состојба. Отворите на осмоаголниот тамбур придонесуваат за придушено базиликално осветлување.

Според начинот на градење, храмот “Свети Никола” е граден со камен (највеќе во бигор), без малтерисување се до покривот, додека на изведбата на самиот тамбур е посветено поголемо внимание. Тој е граден со попрецизно клепани блокови од бигор фугирани со малтер. Камени клепани блокови бигор се употребени и за обликување на прозорските отвори и врати. Белината на бигорот јасно ги отцртува овие елементи и до ден денеска му дава свежина на објектот.

Во денешни дни прозорските отвори во призмениот дел се затворени со дрвени капаци од внатре, но сé уште постојат заштитните решетки од ковано железо, со убави барокни форми.

Примарниот кровен покривач бил изведен од камени плочи, но денеска храмот е целосно препокриен со пластифициран ребрест лим.

Имајќи ги предвид непроценливите вредности на архитектонското наследство од црковни објекти во Тресонче, експертите сметаат дека досегашната грижа на државата за нив е премала или никаква.

Св.Ап.Ап.Петар и Павле

Соѕидана е во 1844 година по една голема пауза при градењето (најверојатно од околу десетина години), односно додека ктиторот Саржо Брадина бил на заточение во Призрен… 

Св.Никола

Св. Никола е соборна црква. Таа претставува мал, складно граден објект, по концепција еднокорабен, со централно поставена купола на низок тамбур, олтар, лаѓа и балкон. Црквата е долга 18, а широка 12, 5 м…

Св. Петка

Црквата е изградена во текот на доцните години на XX век. Местото на кој е изграден параклисот е поврзано со локална легенда. Параклисот е отворен и се употребува претежно лето и на барање на жителите…

Св. Илија

Објектот е соѕидан од блокови шуплив варовит камен (т.н. бигор) во форма на христијански крст, во втората половина од XIX век, и е лоциран на највисоката точка (Alt = 1,038 m) во средишниот дел на селото…