Димитар Аврамовски Пандилов
Димитар Аврамовски Пандилов припаѓа на генерацијата сликари кои во минатиот век се издвојуваат со својата уметничка љубопитност околу модерниот европски сензибилитет, трудејќи се во жанрот на импресијата да го дадат својот творечки опус истовремено олицетворувајќи ги македонскиот живот и поднебје. Мотивиран и инспириран од интересните градски и селски композиции на македонското жителство, Пандилов ги замрзнува живописните состојби во за него карактеристичен маниристички цртеж.
Димитар Аврамовски Пандилов, македонскиот претставник на импресионизмот и еден од основачите на ДЛУМ (Друштвото на ликовните уметници на Македонија) .е роден на денешен ден, први март, пред 118 години во 1898 година.
„Не треба да се заборави дека она што заедно со неколкуте свои колеги, основоположници на современата македонска ликовна уметност (Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски…) го има создадено како сведок на „драматичните историски настани што водат кон, а потоа се и дел од борбата за национално ослободување на македонскиот народ, претставува историски потфат во процесот на создавањето и развојот на современата македонска ликовна уметност“. Ова, како и сите натамошни одбележувања на творештвото на Димитар Пандилов, ќе биде скромно во однос на големината на неговото дело и, во споредба со долгот што го имаме кон него како сликар на поетиката на македонскиот предел.“ (Викторија Васева Димеска)
Роден е во село Тресонче. Завршил ликовна академија во Софија во 1924 година а потоа престојувал во Франција во Монпелје и Париз., каде што меѓу другото работел и на академијата „Гранд Шомјер“ (1928). Излагал на повеќе групни изложби во Софија и во Југославија; меѓу другото на повеќе тематски и репрезентативни изложби на македонската уметност. Пандилов е претставник на жанрот битово сликарство со неговите дела што го обработуваат народниот живот и битот на македонскиот народ.
„ Ненадејната средба со Димитар Пандилов во мајското претпладне наситено со арома на липите крај ул. „Орце Николов“ остана незавршена. Сликарот на мали човечки радости, тивкиот шепот на луѓето од приградските населби и осамените вагонетки на пероните го илустрираше епот од Прличев за Кузмана. Пандилов мислеше дека е завршена неговата одисеја на селидби, прогони, немаштина и печалбарење од ден за ден, мислеше дека отпочнува неговиот нов уметнички живот со работен ден од раните утрини до доцните ноќи во ателјето. Се лутеше на телевизиските камери што ги овековечуваа 40-годишните напори на лента, зашто внесуваа немир во неговиот толку хармоничен дом, во неговото прво ателје. И се радуваше зашто ретко кога средствата за публицитет посредуваа меѓу неговите дела и љубителите на уметноста.
… Првиот чекор на Пандилов во сликарството не мина во дилема меѓу традиционалниот мијачки иконопис и импресионизмот, кој со магична моќ ги повлече новите сликарски генерации на периферните балкански академии. Тивко и без миноски врвици, тој го прифати импресионизмот така како што тој беше прифатен секаде вон Париз:
Цртачкото ткиво не направи концесии на боените односи, колоризмот никогаш триумфално не загосподари над другите елементи, не се расточи во флуидни воздушести намази што ги потиснуваат предметите на видливиот свет. Пандилов не створи антитет меѓу цртачките и боените вредности; уште во првите дела ги смири двата елемента, за да воспостави рамнотежа меѓу рационалните и емотивните компоненти. Впрочем, Пандилов не можеше по секоја цена да го жртвува цртежот, не само затоа што беше извонреден цртач по природа; неговиот свет ликовно овоплотен меѓу 1925-1930 година, подоцна ненадминат, во својот основен акцент ја донесуваше човечката фигура“, напишал Цветан Грозданов во „Блесок“.
Димитар Пандилов загинал во Скопскиот земјотрес на 26 јули 1063 година.