Јосиф Михајловиќ
Ако би требало да се избира најпознатиот или најзаслужниот меѓу најзаслужните, секако би бил избран градоначалникот од периодот меѓу двете војни, инж. архитект Јосиф Михајловиќ
Пишува: Данило Коцевски
Постојат повеќе личности во Скопје што се заслужни за неговиот развој, за модерниот урбанистичко-архитектонски лик. Меѓу нив, секако, спаѓаат и градоначалниците (претседателите на Општината), пред и по Втората светска војна. Но ако би требало да се избира најпознатиот или најзаслужниот меѓу најзаслужните, секако би бил избран градоначалникот од периодот меѓу двете војни, инж. архитект Јосиф Михајловиќ. Тоа што неговата легенда трае сe до денес, не е случајно, и се базира врз неговите исклучителни заслуги за градот.
Тој бил градоначалник на Скопје во два мандата: од 1929 до 1936 година, и од 1939 до 1941 година, кога починал. Во неговото време Скопје интензивно се гради, ги добива своите модерни урбани белези. Изградени се Железничката станица и Народната банка, Поштата, зградата на денешниот Парламент, водоводот Рашче, хидроцентралата “Матка”, направен е геодетски премер и урбанистички план на градот, подигнати се многу станбени објекти. И тоа е само еден дел од она што е направено во неговиот период. Тој е еден од ретките градоначалници кој пред граѓаните постојано држел предавања на теми од архитектурата и новото модерно обликување на градот.
По потекло е од Западна Македонија, роден е во с. Тресонче во 1887 година. Сестрано обдарен, се сметал за еден вид инкарнација на мијачката генијалност и градителскиот дух. Во документите за него открив дека граѓаните честопати му скандирале: “Да живее нашиот Мијак г. Јосиф Михајловиќ”. Секогаш елегантен, во ракавици, со продуховен изглед, вистински господин. Во еден запис од тоа време се вели дека англискиот јазик го зборувал речиси совршено, без ниту една грешка. Не му била туѓа ниту една област од живеењето, а често другарувал со уметноста и со уметниците – со Никола Мартиновски и со Лазар Личеноски. Нив особено ги консултирал ако требало нешто да се помогне во врска со зачувувањето на фреските. Личеноски насликал и негов уметнички портрет. По конгресот на светскиот ПЕН центар во Дубровник, писателите допатувале во Скопје во 1934 година каде што ги примил Јосиф Михајловиќ, кој одржал говор пред нив. На зачуваната фотографија, меѓу творците, до Михајловиќ стои францускиот писател Жил Ромен.
Во Скопје и денес постои раскошната семејна куќа која Јосиф Михајловиќ ја изградил во 1937 година. Подоцна, тој оваа куќа ја користел како приемна резиденција на градоначалникот, бидејќи просторот бил најсоодветен за таа намена. Во неа било инсталирано првото парно греење во градот. Неговиот внук инж. архитект Драган Томовски, во едно искажување пред петнаесетина години вели дека неговиот вујко Јосиф Михајловиќ куќата самиот ја проектирал. Таа била изградена “од клепан мијачки камен во рустикален стил” од прочуени мијачки мајстори ѕидари. Ентериерот бил најмодерен за тоа време, со компонирана голема фреска со мијачки мотиви од Личеноски. Плакарите биле вградени во ѕидовите. Металните елементи биле изработени во познатата браварска работилница на Антон Ручигај. Долги години позната под името Македонска куќа, таа беше сопственост на угостителското претпријатие “Меркез”, а во неа во еден период живееја и видни политичари. Денес во оваа куќа под Калето се наоѓа амбасадата на Република Албанија.
Еден од плановите на Михајловиќ била и идејата за Зелен град, која посебно ја препорачувале и ја разработувале англиските урбанисти. Тој сакал да ги пошуми двата острова на Вардар кои постоеле во тоа време – еден спроти Зоолошката градина и Паркот, другиот во близината на тогашниот аеродром. Велел дека на кејовите на Вардар им е потребна побујна вегетација. Повеќето негови идеи Михајловиќ ги реализирал, некои останале само како идеја, но сето она што тој го остварил останува во богатата урбанистичко-архитектонска и духовна традиција на градот.