Параклис Свети Илија

12509788_805950466183662_7695134067309808529_nОбјектот е соѕидан од блокови шуплив варовит камен (т.н. бигор) во форма на христијански крст, во втората половина од XIX век, и е лоциран на највисоката точка (Alt = 1,038 m) во средишниот дел на селото, во маалото викано Врлевци.

Во аналите за селото се сретнува податок дека крстот е поставен од Саржо Брадина во втората половина од 19 век кога во областа се доселиле голем број муслимани од Долна Река – Дебарско и побарале да работат на имотите на богатите селани.

Галичкиот главатар Тодор Томоски се согласил на тоа, но под услов да се вратат во православната христова вера, со што тие (за да дојдат до пари) без проблем се согласувале.

Ѓурчин Кокале (Лазарополе) и Саржо Брадина (Тресонче) тоа го правеле на поинаков начин, односно тие своите ќерки ги мажеле за Мијаци муслимани, под услов младоженците да се вратат во старата вера.

За таа цел Брадина го поставил крстот, за да јаво и пред сите селани, муслиманите му се вратат на православието. Познато е дека тој на ваков начин ги омажил ќерките Злата и Невена, едната од нив во семејството Рамчовци од маалото Јодровци, а другата во родот Кадиевци.

Ваквата постапка на Саржо ја следеле и другите села, па затоа на повеќе места низ Мала Река и ден денеска достојуваат големи крстови поставени на истакнати места.

Подоцна, во почетокот на XXI век од добронамерни соселани, околу крстот е соѕидан полу отворен покриен параклис, со цел да се заштити од надворешни и климатски влијанија. На крстот истотака е поставена и нова икона, додека над истиот е поставен светлечки крст.