ПОВЕЌЕ ЗА ТРЕСОНЧЕ, ОПКРУЖУВАЊЕТО И ИСТОРИЈАТА

Географија и местоположба

До селото Тресонче води асфалтен пат кој се двои од месноста Бошков Мост од регионалниот пат Дебар — Маврово и продолжува по текот на Мала Река. Патот до селото Тресонче се двои од овој пат и освен до него, води и до селата Росоки и Селце. Се наоѓа во срцето на планината Бистра, во западна Македонија, а е распослано по левата и десната страна на Тресонечка Река, која извира во непосредна близина на селото. 

Од северната страна Тресонче е заградено со врвовите Брзовец и Пешкопеја, од исток со Шкрка (Дајдовец) и од југ со ридовите кои почнуваат со Думостол и завршуваат со карпата Соколица. На југ од Тресонче се наоѓа селото Лазарополе. 

Климата во долината на Тресонечка Река е континентална, а на високите места планинска, односно алпска, која се одликува со големи врнежи снег. Воопшто земено, во малореканскиот предел постојат две годишни времиња: свежо лето, кое се одликува со сите елементи на природната убавина и долга зима кога се е под снег и мраз. И галичанецот, Панајот Гиноски во воведот на својот “Зборник” наведува: Животот наш мијачки се делит на два дела: зимен и летен…”.

 

Потекло на името

На западната страна на селото, пред самиот влез и во непосредна близина на храмот Свети Петар и Павле се наоѓа и црквата Свети Никола. Според преданијата и сеќавањата на старите луѓе, овој православен храм е изграден врз три латински гробови или светилишта, односно „tres sancte“. На околу еден километар од Тресонче надолу по истоимената река се наоѓа месноста Света Петка каде исто така има едно мало црквиче посветено на таа светителка. 

Овие три светилишта, односно „Свети Никола“, „Свети Петар и Павле“ и „Света Петка“, според едното толкување, го претставуваат толкувањето на името на селото „tres sancte“ (три светци; т.е. Тресанче). Познато е од дијалектологијата дека вокалот „А“ на многу места во мијачкиот говор се заменува со „О“, па и оттука името на селото од Тресанче, станало Тресонче. 

Според второто толкување името на селото е од глаголот „тресе“. Имено во минатото тресончани заминале по некаква одмазда низ Река и во Албанија, оти разбијничка банда на населението му нанело зулуми. Оттаму, велат, луѓето во тие реони трески ги треселе кога врвеле селаните од Старо Село. 

Третата можност, која веројатно најточна е дека името Тресонче доаѓа од манастирот Трескавец, Прилепско. Имено, во некои стари записи се наведува дека атарот на селото во минатото бил имот на овој манастир и оти поради тоа Старо Село во средниот век го добило името Тресонче. Исто така, познато е дека по манастирот „Свети Јован Бигорски“, „Трескавец“ бил втор манастир по важност за тресончани, кои често го посетувале, го дарувале и го помагале, дури селските кметови (старешини) му носеле и годишен данок, некои велат, заради откупување на гревовите сторени во текот на годината од селаните.

 

Историја

Тресонче е едно од најстарите села во Македонија. Неговото име најнапред било Старо Село. За првпат се споменува во еден попис од 1467 година, и нешто подоцна во Тахрир дефтер бр. 4 од 1474 – 1476 година, каде се наведува како дервенџиско село. Првите зачувани записи за селото потекнуваат откако на територијата на Македонија се зацврстила отоманската империја. Веројатноста и пред тоа да постоело селото се доста големи, но поради борбите што во тоа време се воделе на Бистра меѓу Османлиите и нивните противници придонело времено раселување на населението од регионот на Радика. Според проучувањата, се смета дека во далечното минато регионот на Мала Река ја населувале сточари – Власи, кои живееле во привремени летни колиби и ги користеле богатите пасишта на Бистра. Според наодите на српскиот научник и етнолог, Јован Цвииќ, кој работел во почетокот на 20 век, со доаѓањето на словенските племиња на тој простор, Власите се словенизирале.

 

 

Тресонче-Лековци и Бочковци

 

Освен тоа, Тресонче, заедно со другите села во областа, важи за дел од област населена со Мијаци, а за значењето на зборот „Мијак“ прв писмено толкување дал галичанецот Ѓорѓија Пулевски (1817 — 1893). Тој во неговата книга „Славјано – маќедонска општа историја“ објаснува дека „думата МИЈАК означава – бистар ум, хора бистроумни и оште Мијаци = Македонци…“. Потеклото на Мијаците Пулевски го поврзува со античките Македонци и смета дека „Мијаците биле гвардејци на Александар Македонски, а Брсјаците биле неговата брза армија“. 

Според првичните записи во 1467 година во Тресонче имало три христијански куќи. Раскажувањата на старите и пронајдените записи во турските дефтери сведочат дека во Тресонче низ вековите имало и до 300 куќи. 

Првото училиште во селото е изградено во 1852 година, но со години пред тоа, образованието на жителите се вршело во селската црква или во манастирот „Св. Јован Бигорски“. 

 

Илинденски период

Во илинденскиот период Тресонче го носело тајното име Назарет, додека Лазарополе го викале Ерусалим, а Галичник Миродита.  

Од територијата на Тресонче се одржувала врската со областа Копачка, Кичево, Дебар и Галичник. Во селото имало организирано и центар за собирање лекови, облека и храна. Сето тоа било скриено во некоја пештера, најверојатно во месноста „Дужина дупка“, далеку над Тресонче. Во оваа дејност како надлежен во обласниот комитет на Организацијата особено се истакнувал некој Јован Јуруков со помошниците Мино П. Брадиноски, Динго П. Цветковски, Гаврило Дингов, како и курирот Јован К. Терзиев. Од базата за снабдување само на 4 август 1903 година биле префрлени 18 товари разна стока и санитетски материјал.  

За време на балканските војни во 1912 и 1913 година судбината на тресончани била тие да им служат и на бугарската и на српската војска.  

Првата светска војна селото ја дочекало со мобилизација на мажите во редот на српската војска. Познато е дека дел од нив учествувале и во одлучувачките битки на Балканот. Така, Глигор Аврамовски Трпчевски од Кадиевци и Петре Блажевски од фамилијата Рунтевци учествувале во битките на планината Кајмакчалан при пробивот на Солунскиот фронт, а Јосиф Михајловиќ (кој подоцна станал еден од најзначајните градоначалници на Скопје) бил и дел од српската војска која преку Албанија се повлекувала во Грција.  

 

Српската окупација

По 1912 година Тресонче, како и цела вардарска Македонија паднале под власт на Србија. Таа есен малореканскиот крај бил ослободен од Турците. Набргу по повлекувањето на многувековната турска административно-воена управа, дошла српската војска, со што старата отоманска, се заменила со нова, српска окупација. Таа со мали прекини ќе трае до крајот на Втората светска војна, односно до прогласувањето независна македонска држава во 1991 година. Во 1914 година била воспоставена новата гранична линија меѓу новата држава Албанија и Кралството Србија, а воените одредби што биле донесени за “новоослободените земји” со сета своја острина се спроведувале и во малореканските краеви. Овој реон бил разделен на две општини. Една оштина биле селата Гари и Осој, а селата Тресонче, Селце и Росоки, биле другата општина. 

Трагични истории во времето на српската окупација на Македонија испишале многумина, меѓу кои и попот Апостол Мирчев. Тој бил роден во 1884 година во маалото Пешковци. Имал двајца браќа – Доне и Крсте. Доне тргнал на занает, а потоа заминал во Русија каде учествувал во Октомвриската револуција во градот Петроград, како интендант на војската. Неговото име исчезнало во една студена ноќ во 1942 година во Москва, кога поради болест, во неговиот дом дошла брза помош, и никогаш повеќе ништо не се чуло за него. Неговата слика, велат и ден денеска стои на бродот “Аурора” закотвен во Санкт Петерсбург меѓу главните водачи на Октомвриската револуција во тој град. Плотуните истрелани од тој брод го најавиле нападот на болшевиците врз зимскиот дворец на руската царска фамилија Романови, кои подоцна до еден биле убиени, а денес Руската православна црква ги има канонизирано за светители – новомаченици. 

Во Тресонче неговиот помал брат, попот Апостол, бил запопен од егзархиски владика. Во 1913 година кога по Балкански војни на територијата на Македонија се воспоставила српска окупаторска власт, Србите веднаш му наредиле (како и на сите други православни свештеници во Македонија поставени од бугарската егзархија) да служи богослужби на српски, а споменувањето на кралското и духовното водство да биде во духот на српството, т.е. во литургиите да го споменува српскиот патријарх Варнава. Апостол тоа не можел да го прифати. Велел дека има еден Господ и дека тој пред него дал заклетва оти ќе го споменува бугарскиот врховен владика. Настапиле сурови денови на сослушувања и измачувања, а тој постојано одговарал: Јас сум дал заклетва пред Бога, а не пред Сатаната. 

Српските џандари и него го убиле една ноќ кај месноста Ажиеска воденица кај село Лазарополе. Бил избоден со бајонети

 

Влегувањето на бугарската војска во Мала Река 

Во половината на ноември 1915 година делови од бугарската војска се приближиле кон Тресонче и кон останатите села од малореканскиот крај. Се случиле судири со албанските војски во околината на Гостивар и на Дебар, но задржувањето на бугарската војска било невозможно. Одредот на српската војска кај селата Лазарополе и Тресонче, кој тука се наоѓал уште од крајот на балканските војни, бил разбиен и на 20 ноември 1915 година се повлекол од тој крај. Следниот ден на 21 ноември во селата влегле бугарските војници. Истиот ден Бугарите влегле и во Галичник. Со тоа се воспоставила бугарска окупациска власт која траела до 1918 година, по што повторно се вратила српската окупациска власт, овојпат во лицето на новата држава на Србите, Хрватите и Словенците (СХС). 

Бугарите формирале полициски станици, службеници и администрација, како и еден воен гарнизон во Галичник. Во селата биле формирани општински управи на чие чело биле поставувани локални жители. Во Тресонче за прв кмет, т.е. претседател на општината бил поставен Косто Тодоров, а негови заменици биле селечанецот Никола Самарџиев, потоа росочанецот Филип Алексиев, а за нивни заменици биле одредени Нестор Илиев и Спиро Аврамов. По нив, нов кмет станал Динго Цветков (Тресонче), а помошници Рафе Јанев (Селце) и Васил Тодоров (Росоки). Сите тие примале плата од 50 до 100 лева. 

Во исто време бугарската држава започнала и мобилизација на селаните за потребите на бугарската војска која тогаш се наоѓала во виорот на Првата Светска војна. Запишано е дека во првата половина на 1916 година Тресонче имало 969 жители, а од нив 81 кои биле на возраст од 18 до 60 години биле мобилизирани.Но, тоа траело до завршувањето на Првата Светска војна. Оттогаш Тресонче повторно го запоседнале српските власти.

Споменик_во_Тресонче

Спомен чешма на борците од НОБ подигната од Аврам Аврамовски и Драган Поповски како претставници на МЗ Дичо Зограф

 

Во Втората светска војна во селото влегле Италијанците и балистите. Животот станал многу тежок зашто замрела секаква стопанска активност во целиот малорекански регион. По почетокот на оружените партизански дејствија против новите окупатори, кон нив се приклучиле и повеќе жители на Тресонче. Некои од нив ги загубиле и животите. Следуваат нивните имиња, како и имињата на селани од Росоки и Селце кои исто така загинале во борбите со балистите и Италијанците и Германците: Васе Стаматовски, Милан Блажевски, Ефрем Несторовски, Самоил Тодоровски, Крсте Крстевски, Анѓеле Доневски, Гале Стаматовски, Русе Јаневски, Арсо Арсовски, Трене Треневски, Андо Смилевски, Миле Кржаловски, Кузман Кржаловски, Павле Бојковски, Тане Јаневски, Милош Јаневски и Ило Китановски. Нивните имиња се врежани во спомен чешмата која што на сред село во Тресонче беше построена на Петровден во 1988 година од страна на тогашниот претседател на месната задруга Аврам Аврамовски потпомогнат од Драган Поповски, со лични и сретства собрани во донација од М.З. Дичо Зограф. 

 

Образование

Писменоста кај жителите на Тресонче и воопшто кај сите Мијаци претставува вистинска антика. Речиси и не се паметува дека во изминатите 300 години некој тресончанец умрел неписмен! Низ Мијачијата со векови врвеле, палеле и пустеле Турци, Албанци, Бугари, Срби, Италијанци и Германци, но ниту еден од нив не успеал да ја уништи потребата за образование кај нашите луѓе.  

Црквата секогаш го помагала изучувањето на “~тението” и “писанието”, а мијачкиот интелектуален ген во Тресонче создал цела плејада професори и политичари, огромен број интелектуалци, лекари, петмина академици на науки и уметности (инж. проф. д-р Петар Серафимов – статичар, член на МАНУ; неговиот брат проф. д-р Љупчо Серафимов – ортопед, прв пресадувач на колкови во Југославија, член на МАНУ; Коле Чашуле – писател и публицист, член на МАНУ; проф. д-р Данчо Зографски – економист, член на МАНУ и проф. д-р Томо Смиљаниќ-Брадина – етнолог кој докторирал на Сорбона, член на САНУ – Српска академија на науките и уметностите), сите од малото Тресонче кое денеска брои околу 70 куќи.  

 

Даскали и ученици од ОУ „Димитар Ормански“

 

Првото училиште во селото е изградено во 1852 година, но со години пред тоа, образованието на жителите се вршело во селската црква или во манастирот “Свети Јован Бигорски”. Во однос на писменоста и образованието, еве уште еден податок карактеристичен за Мијаците. Според еден попис од 1911/12 година во мијачките села Галичник, Лазарополе, Тресонче, Селце, Росоки, Осој, Гари и Битуше имало вкупно 588 ученици, додека во сите останати села околината: Требиште, Ростуше, Велебрдо, Горно и Долно Мелничани, Јанче, Сушица, Врбен и Беличица имало заедно 99 ученици иако бројот на жители во овие бил горе-долу еднаков со оние првите.  

Се смета дека националната преродба во македонската историја започнала од крајот на 18 век, меѓутоа фактите говорат дека црквите и училиштата во мијачкиот крај се возобновувале веќе во првите години на тој век. Се учело на мијачки дијалект, а во црквите се вршела богослужба на црквенословенски јазик. Наспроти големата поддршка и помош што силните селски главатари ја давале за националната преродба и за воцрковување на народот (Саржо Брадина – Тресонче, Ѓурчин Кокалески – Лазарополе и Томо Томоски – Галичник) уште цела плејада црковни и културни борци како Партение и Анатолиј Зографски, Ѓорѓија Пулевски, Исаија Мажоски, Дичо Зограф и многу други му помагале на културно-образовното и црковното издигнување на луѓето од Мијачијата. Голем дел од нив и активно се бореле против грчката црковна и политичка пропаганда во Македонија, што се вршела пред се преку фанариотите, односно Цариградската патријаршија. Некои од нив заради тоа биле затворани (Саржо Брадина), но во црквите низ мијачките села во тие векови никогаш не била одржана богослужба или литургија на грчки јазик.  

 

Задругата

По завршувањето на војната и доаѓањето на КПЈ на власт во новосоздадената Социјалистичка Федеративна Република Југославија, бегалците почнале да се враќаат назад, а почнала и првата политичка акција за формирање земјоделска задруга. Таа била формирана на 28 февруари 1947 година, а веќе во март следната година задругата почнала да произведува компири. Задругата го носела името „Обнова“, а во неа членувале 50-60 фамилии од Тресонче, Селце и Росоки. Од 1947 до 1949 година задругата се преименувала во „Лазар Колишевски“, а од 1954 година името 207651_1011088030382_9777_n„Брзовец“, односно сè до спојувањето со задругата во Лазарополе во 1964 година, кога работите почнале да одат удолу. Покрај компирите, задругата започнала и со сосема мал број овци. Се раскажува дека биле собрани вкупно 60 овци, но набргу почнале да се купуваат крави и свињи, а во 1949 година бил изграден и комбинат за преработка на млеко. Сепак, тие напори биле само бледа сенка на старото Тресонче кога по неговите планини се белееле до над 100.000 овци. Задругарите почнале да го прават и патот, почнувајќи од месноста „под Осој“ до Тресонче, на кој работеле сите задругари.  

Во 1949 година во Тресонче дошле и се населиле и 30-40 семејства, бегалци од Егејска Македонија, каде била во тек граѓанската војна. Во Селце и Росоки се населиле 15-20 фамилии или вкупно имало околу 80 семејства од тој дел на Македонија. Бегалците биле мајстори за земјоделство, а за нивните потреби во Кадиевци биле изградени и неколку камени куќи чии темели сè уште постојат. Се садел тутун, се собирале лековити билки како гороцвеќе, кантарион, бутинец, бабјаци, чај и сл. Но, доселениците од Егејска Македонија се отселиле од овие три села по само една година.  

 

Печатен меморандум-документ на З.З. Брзовец, 1950 год.

 

Прв претседател на задругата бил Јосиф Саржовски, од нејзиното основање до 1954, кога на негово место дошол Саржо Несторовски од Селце. Тој останал претседател на задругата до 1964 година, односно до спојувањето со Лазарополе.  

За неполни 17 години жителите на Тресонче, Селце и Росоки, во 1950 година се здобиле со електрична енергија, во Тресонче била изградена хидроцентрала, чија карабина и денеска постои во месноста Горна Воденица, стадото овци достигнало 8.000 грла, имало над 20 коњи, над 100 крави и свињи, над 260 сандаци со пчели, биле направени разбои за ткаење килими кај месноста „Света Петка“, биле подигнати овоштарници, ораници и сл. 

 

Најнов период

За жал и покрај првичните добри резултати на задругата, жителите од Тресонче почнале да се иселуваат, заминувајќи најчесто во Скопје. Основната причина за тоа била политиката што се водела од централната власт, односно поради настојувањето задругите да се окрупнуваат и спојуваат, не водејќи сметка за економската оправданост за тоа или за природните услови.

 

 

 

dusko_kadievski

Душко Кадиевски

 

Тресонче, Росоки и Селце во деведесетите, благодарение на г-дин Душко Кадиевски, родум од Тресонче,  кој во тоа време беше министер за урбанизам и градежништво, добија асфалтен пат од Бошков мост, а се проби и прошири патот Селце – Галичник. 

 

 

 

Војната во Македонија во текот на 2001 година Тресонче ја мина без поголеми проблеми. Не беа регистрирани упади на вооружени албански групи, иако нивно движење беше забележано во месноста Јама и над селото Горно Косоврасти.  

Во текот на 2003 и 2004 година неколку семејства, воглавно пензионери, решија да почнат да живеат во Тресонче во текот на целата година, а беше започнат и проект за снабдување на сите маала со вода од изворите кај Алилица, неколкупати беше отворана и затворана продавница, за Петровден се вратија зурлите и топаните, се препокрија и конзервираа црквите „Свети Петар и Павле“ и „Свети Никола“.

 

Стопанство 

Тресончани од старо време, односно од пробивот на Турците на Балканот и освојувањето на Македонија, биле определени за дервенџии (чувари на патиштата) на патот Кичево – Дебар што минувал низ синорот на Тресонче и кој покрај тоа, ги поврзувал и Брсјачијата со Дебар. 

Распослани во вакви планински места, засолнети од силни ветрови и богати со планински пасишта и вода, жителите на Тресонче имале можноста да го развијат сточарството, како единствена стопанска гранка која им овозможувала опстанок во тој предел. Сепак, Мала Река и денеска претставува еден од најзафрлените и најскриените краеви на Балканот, така што освен сточарите со своите стада и печалбарите подоцна, никој друг не можел и не сакал да живее во оваа област, од што се добива впечаток дека малореканците го избрале овој крај за само тие да живеат таму. Фактот што и најсиромашната куќа во Тресонче располагала со барем 40 овци ни докажува дека таа куќа сите домашни потреби од волна, месо, млеко и други млечни производи, ги подмирувала од опствените средства за производство. Оттука, овцата, покрај парите или златниците, имала улога на еквивалент. Со парите заработени од продажбата на вишокот млечни производи, домаќинството ги подмирувало најосновните потреби од жито, сол, шеќер, масло и друго, што им недостасувало од сопственото производство.  

Секој крупен сточар, обезбедувал работа и за повеќе стотици лица. Сите тие биле запослувани во својство на овчари, разнесувачи на храна за овците, млекото и млечните производи, во обработката на млекото: сирењари, урдари, фичури, котарџии, молзачи, бачеви, параќеаи и др.  

Од дамнина целата територија била резделена на „планини“, а секоја „планина“ си имала барем по еден извор со вода. Границите на „планините“ се обележувале со ќулиња, т.е. „старци“ што всушност биле редени камења, кои оддалеку на овчарите им личеле на осамени старци. Но, „планините“ биле разделувани на уште помали делови. Се викале „држави“, а секоја „држава“ си имала само по едно бачило. Некогаш во тресонечкиот дел на Бистра постоеле 32 бачила, односно „држави“, а вкупниот број на добиток се движел и над 100.000 грла овци и неколку илјади коњи. Според кажувањата и зачуваните писмени податоци, секоја куќа во Тресонче имала од 40 до 100 овци, мнозина имале и до 300, за во 19 век селскиот главатар Сарџо Брадина да формира стадо од 80.000 овци и неколку илјади коњи кои презимувале во Солунско, а напати и на некои од егејските острови. Такви силни сточарски родови во Тресонче биле Брадиновци, Јуруковци, Бошковци, Перковци, Тутинци и Силјановци. Нивните наследници денеска немаат ниту една овца. 

Паралелно се дервенџиството и со сточарството жителите на Тресонче, како впрочем и другите мијачки села (Лазарополе, Галичник, Гари, Осој, Селце и Росоки) се занимавале и со други дејности: зографство, печалбарство, ѕидарство, резбарство, плетење, шиење (терзилак), ткаење итн. Имале една мала индустрија од воденици и валавници на брзите планински реки, каде самите го мелеле житото и правеле аба и други ткаенини за прекрасната мијачка народна носија. Во овој дел биле сосема самостојни од другите делови на Македонија и на Балканот, а со добитокот и млечните производи уште повеќе ја истакнувале својата независност.

 

Дуќани на „Виа Игнатија“ во СолунПечалбарството било дел од начините за заработка и издржување на семејствата. Луѓето од Тресонче највеќе на гурбет оделе во Грција, Србија и Бугарија, но многумина заминувале и во Египет, Италија и Америка. 

Резбарството и зографството се посебни поглавја од историјата на Тресонче.  

Во минатото (особено во 18 и во 19 век) речиси немало куќа во Тресонче која не се занимавала барем со еден уметнички занает. Во маалото Лековци имало два видни зографски рода: едниот на Дичо Крстев, подоцна познат како Аврамоски или едноставно Дичо Зограф и вториот, родот Перкоски. Во маалото Јодровци имало зографска фамилија позната како Мојсоска; во маалото Бошковци познат зограф бил Максим Нинев, подоцна познат како Максим Војвода; во маалото Кадиевци имало уште една зографска фамилија Дичовци; во маалото Петровци бил најпознат зографот Косто од семејството Пачароски, а во маалото Пешковци фамилијата Мирчевци (Миронски), на браќата Мирче и Вено и многу други.

Семејството Рензови-Зографски: Никола, Ѓорѓи, Андреја и Коста – градители на цркви и копаничари

Од самиот почеток, па сè до денес, поимот „резбарство“ или „копаничарство“ е поим за Македонија и обратно. Поимот за цела плејада резбари, иконописци и зографи е Река, а поимот Река а поим за раѓањето и живеењето на Мијаците кои со творештвото на овие поими создале и ја збогатиле историјата на својот народ. Еве ги тресончаните: родот Рензовци – Зографовци, прочуени како копаничари и зографи. Најугледен од нив бил Дамјан Дамјанов со синовите Ѓорѓе, Андреја, Костa и Никола. Потоа родот Станишевци со основоположникот Гешо и синовите Димитар и Андон Станишеви (чие дело е централната резба на иконостасот во манастирот Дечани во Косово); родот Данаиловци чиј основач е Данаил и неговиот син Мојсо Данаилов; родот Анѓелковци и синот Петар од чие потекло резбарството досегнува до денешни дни; потоа родот на Велјан Х. Огненов, копаничарот Јанкула Силјанов (тој има оставено и ерминија од 1728 година). Сите овие тресончани раскажувале на дрво, а се смета дека Света Гора Атонска и Солун се местата каде тресонечките резбари и зографи го изучувале занаетот.

Самоуправа и политика

Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Ростуша, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Маврови Анови, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на општина Ростуша се наоѓало во периодот 1955-1957.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Лазарополе, во која покрај Тресонче се наоѓале и Гари, Лазарополе, Росоки и Селце. Самата Општина Лазарополе била дел од Дебарската околија. Општината Лазарополе постоела и во периодот 1950-1952 година.

ДАМЕ ГРУЕВ ВО ТРЕСОНЧЕ И СЕЛЦЕ

Во времето непосредно по неуспешното завршување на Илинденското востание, значајна е да се спомене посетата на Даме Груев, еден од челниците на ВМРО, на Тресонче и на другите малорекански села во тој реон (Селце и Росоки). За оваа посета треба да се истакне дека тој за малку избегнал убиство од турските заптии, а за сметка на тоа еден тресончанец бил убиен.

Настанот се случил во септември 1904 година. Војводата од малореканската чета, Павле Караасан, честопати бил повикуван на советување и примање упатства од страна на Даме Груев и Христо Узунов (исто така еден од првите луѓе на Организацијата). По една таква средба, Даме изразил желба лично да ги посети малореканските села, Тресонче, Селце и Росоки. Во есента 1904 година била организирана средба со челниците на тие села, од кои Даме искажал особена благорадност, заради големиот ангажман на селаните за време на востанието. Средбата требало да се случи во селото Росоки, како позатскриено и средишно место меѓу мијачките села. На четникот од малореканската чета, Ефстатија Чалоски му било наложено да замине и во Галичник, за на средбата да ги повика и тамошните првенци, Иван Дуков Пендаровски, Иван Ѓиноски и Пејчин Томоски.

Во исто време, Даме Груев, придружуван од кичевската и од реканската чета, предводени од Јован Терзиев, во мракот влегол во Тресонче. Се сретнал со селаните, поразговарале за политичките проблеми и заминал кон блиското село Селце, кое е всушност неговото родно село. Таму запрел на починка во куќата на Никола Мицев Самарџиоски, пред да го продолжи патот кон Росоки.

По патот, зад Дамета доаѓала и една курирска пошта. Курирот брзал да го стигне Груев, но во близина на селото Лазарополе, го пресретнал некој Зоге од Маврово, кој живеел во Тресонче. Се понудил да ја преземе поштата и да му ја предаде на војводата Терзиев, па тој подоцна да му ја даде на Даме. Овој се сложил, па така писмото Зоге го сокрил во зобницата на коњот. На пат кон Тресонче, кај месноста Коритник во близина на Лазарополе, Зоге сретнал косачи, кои биле придружувани и од аскер. Еден од аскерлиите почнал да го пребарува товарот и во зобницата ја пронашол поштата!

Зоге веднаш бил ставен на големи маки за да каже каде е четата за која била наменето писмото. Човекот не можел да го издржи тепањето и кажал. По признанието, миљазимот на војската во Лазарополе, не знаејќи дека се работи за Даме Груев, кон Тресонче испратил само 11 војници кои заедно со Зоге се упатиле преку ридот кај главатарот тресонечки, Јован Терзиев. Кога стигнале кај него аскерџиите го извадиле надвор и го подложиле на измачување за да каже каде е четата. Јован не сакал да каже, па Турците му ја скршиле првин едната рака, а потоа му ги извадиле и очите, но тој ништо не кажувал!

Така измачен го земале со себе и тргнале кон Селце. Кога стигнале во подножјето на селото, Јован знаејќи дека таму се наоѓа Даме, почнал да вика колку што го држел гласот. На тоа скокнале сите кои биле куќата на селечанецот Самарџиоски, Даме ја изгорел целата архива што ја носел со себе и тргнале кон Росоки (45 минути одење од Селце). Во бркотницата бил ранет Павле Караасан, а долу Турците го отепале измачениот Јован Терзиев (денеска неговите коски се наоѓаат во црквата “Свети Никола” во Тресонче). Во пукотниците Даме го сменил правецот, па наместо кон Росоки, тргнал назад преку месностите Сини Вир, Браненица, Долна, Средна и Горна Лебарица и Брзовец, излегувајќи кај изворите на Тресонечка река и преку планината Думовица се нашол во Кичевско. Тој пат морало да го изоди барем за еден ден.

Во меѓувреме, галичките првенци кои веќе се наоѓале во Росоки и го чекале Дамета, се загрижиле зошто го нема војводата, па се упатиле кон Селце. Кога стигнале до месноста Голобарник, чуле пукање и откако разбрале за случувањата, но и дека Даме е веќе на безбедно, се повлекле назад кон Галичник.

Со тоа, предвидената средба со Груев пропаднала, живот на револуционерот бил спасен, но дадената жртва, тресончанецот Јован Терзиев, била скапа.

Во организирањето на револуционерното дело во времето на Илинденското востание бил активен и Мино Брадино ски, кој изучил педагошки оддел во солунската гимназија. Слична дејност вршел и Гаврило Дингов кој по занает бил градител и кој постојано одржувал врски меѓу Тресонче и Галичник.

 

ИЛИНДЕН И ТРЕСОНЕЧКИТЕ ВОЈВОДИ

Годините врвеле, а тешкотиите со качачките бенди и со турската власт станувале се потешки. Се ближел Илинденскиот период во кој Тресонче земало активно учество во подготовките и во текот на оружените акции. Посебна комитска историја испишале тресончаните Максим Војвода и Симрма Војвода. Првиот бил на чело на неколку комитски чети составени од Мијаци и загинал на планината Голак во 1903 година, а Сирма останала опејана во народните песни како единствена жена војвода за која целата дружина не знаеле дека не е машко, ами стројна мома. За нивните животи опширни податоци има во делот од оваа Интернет страница насловен како “Личности”.

Во илинденскиот период Тресонче го носело тајното име Назарет, Лазарополе го викале Ерусалим, а Галичник Миродита.

Од територијата на Тресонче се одржувала врската со областа Копачка, Кичево, Дебар и Галичник. Во селото имало организирано и центар за собирање лекови, облека и храна. Сето тоа било скриено во некоја пештера, најверојатно во месноста “Дужина дупка”, далеку над Тресонче, покрај самата река каде што една питома ледина, водата и дупката претставувале природно засолниште за собирање и криење на потребните материјали. Во оваа дејност како надлежен во обласниот комитет на Организацијата особено се истакнувал некој Јован Јуруков со помошниците Мино П. Брадиноски, Динго П. Цветковски, Гаврило Дингов, како и курирот Јован К. Терзиев. Овој последниот подоцна бил фатен и многу мачен за да ги открие информациите за четата и за скривалиштата, што дури и очите му биле извадени, а коските на рацете искршени, но Јован ништо не кажал и умрел во големи маки. Од базата за снабдување само на 4 августа 1903 година биле префрлени 18 товари разна стока и санитетски материјал.

И жените курирки испишале свои редови во историјата на Тресонче. Имено, во еден судир со османлиските војски во септември 1903 година во месноста Јадово над селото Селце бил ранет галичкиот војвода Тале Крстев Цергоски. Неговиот курир, Марко Плешка го засолнил на свој ризик, а кога се стемнило го слегол во Селце, а по два дена во Тресонче во маалото Пешковци во куќата на Исијановци. Од оваа куќа потекнувал и Димитар Исијаноски, познат уште како Ормански, бидејќи цел живот се борел во орманите, т.е. во шумите. (Училиштето што во 1945 година било отворено во селото, го носело името Димитар Ормански). Исијаница, Талета го донела со Кумрија, по мажот Андреевица. Турците знаеле за ранувањето на галичкиот војвода, па по три дена презеле широка акција за негово пронаоѓање. И во Тресонче пристигнале војски од сите страни: од Дебар, Галичник, Царевец и Стопанче и почнале детален претрес на секоја куќа. Но, Исијаница не се уплашила. Го облекла војводата Тале во женска носија, го забрадила неговото и онака бледо лице и почнала да го оплакува и тожит. Наредила и сите врати од куќата да се отворат, со цел аскерот да си ја врши работата, додека таа ја тажи нејзината несреќна ќерка, која ете, починала. Војници влегле во собата виделе што виделе и си заминале. Така, благодарение на храбрите курирки војводата бил спасен. Во Пешковци останал цели два месеца, а после бил префрлен во с. Росоки каде уште две недели се лекувал во куќата на некој Авросија, па дури после бил пренесен назад во Галичник.

Споменатата Кумрија, по мажот Андреевица, инаку била постојана курирка во кичевско-дебарскиот округ. Родена била во 1872 година во маалото Кадиевци, но иако поминала и преживеала сешто за време на турската окупација, неа во дваесетите години до 20 век ја убиле српските џандари во речиштето под црквата “Свети Петар и Павле”.

РОДОВИ

Селото Тресонче е чисто православно македонско село.На надморска височина од 1.000 до 1.100 метри терасесто, една над друга надвиснуваат куќите наредени во 14 маала, во кои живеат повеќе фамилиии. Селото е многу старо по постанок, но и покрај тоа повеќето родови во селото го чуваат преданието дека се доселени од Елбасан. Маала и родови во селото се:

 

Во Пешковци се родовите: Грашковци (4 к.); Влчевци (3 к.); Илијовци (2 к.); Андоновци (2 к.) и Брчковци (2 к.). 

Порано некои од наведените родови биле муслимански, па се вратиле во православјето пред 200 години. Близу до нивните куќи имало „турски гробишта“;
Во Кадијевци се следните родови:

Негревци (1 к.), Трпчевци (3 к.), Чатлаковци (1 к.) и Келчевци (2 к.), доселени се од Осој или Могорче; Тутинци (3 к:), Папалевци (1 к.), Јакововци (2 к.), Бутковци (3 к.) и Рунтевци (1 к.), не се знае од каде се доселени; Божановци (1 к.) и Гулабовци (1 к.), за ова маало се говори дека е најстаро;

Во Јодровци се следните родови: Дуншуровци (2 к.), Волашовци (Стамболџиовци) (2 к.), некогаш оделе на печалба во Стамбол, Жонгаровци (1 к.), Цветковци (1 к.), Бакрдановци (1 к.), Митровци (3 к.), Дамјановци (4к.), Анастасовци (Рамчовци) (2 к.), Јосивовци (5 к.), Никовци (3 к.) и Даниловци (1 к.);

Во Лековци се следните родови: Чеперковци (1 к.), доселени се од Мариово; Караџовци (1 к.); Севинци (1 к.); Петревци (Севинци) (1 к.), доселени се од брсјачкиот крај; Дичовци (2 к.) и Перковци (4 к.);
Во Србиновци се следните родови: Дишковци (2 к.) и Лабевци (6 к.);
Во Крајниковци се родовите: Василковци, отселени во Врање и Мартиновци (2 к.);
Во Јуруковци се родовите: Петровци (2 к.), Влчевци (5 к.) и Цифунковци (2 к.), маалото го носи името по основачот кој бил Јурук и кој дошол од околината на Дојран;
Во Тризловци се родовите: Ристевци (3 к.); Мартиновци (2 к.); Грујовци (1 к.); Иљовци (1 к.), доселени од брсјачкиот крај и Коловци, преселени во Стара Загора, Бугарија;
Во Бошковци се родовите: Ниневци (Богојовци) (3 к.); Мицовци (3 к.); Чучковци (1 к.), доселени се од Мариово основачот на родот во селото го донел Сарџо Брадина го оженил и му станал кум; Бошковци доселени се од некое село во Горен или Долен Дебар;
Во маалото Кичевци се родовите: Постоловци (1 к.), Дејановци (1 к.), Стефановци (1 к.) и Лазаровци (1 к.), основачот на ова маало е доселен од Кичево;
Во маалото Екмеџиовци се родовите: Макревци (4 к.); Цапаковци (1 к.); Марковци (1 к.), доселени се од брсјачкиот крај;
Во маалото Брадиновци се родовите: во турските книги се заведени како Олчиновци основачот на родот Караџа дошол во Тресонче од некое село во Прилепско и се женел за некоја девојка од Цапаковци. Името Брадиновци го добиле вака: биле тројца браќа кои Турците ги одвеле во Мала Азија. Потоа тие пребегнале и си пошле назад, бидејќи пуштиле брада кога се вратиле дома мајката нивна не ги препознала, а кога успеала да ги препознае почнала да ги гушка и почнала да им вика „мили мои брадиновци“. Најпозната личност од Брадиновци бил Саржо Караџа и неговата жена Софија Караџа, родена Ѓиновска од Галичник. Поедини фамилии во ова маало се: Треневци (2 к.), Петковци (5 к.), Митревци (1 к.), Здравевци (1 к.) и Марковци (1 к.), некои се отселени во Бугарија и Лесковац;
Во маалото Врлевци се родовите: Пецановци (2 к.); Шошорковци (3 к.); Крецовци (1 к.); Крстевци (5 к.); Галевци (1 к.); Пуринци (1 к.) и Аврамовци (1к.); и
Во маалото Петровци се родовите: Мрдајковци (2 к.) и Сиљановци (4 к.), доселени се од Брсјачијата; Пачаровци (2 к.), Голичевци (5 к.), Шенкаковци (2 к.), Олчевци (3 к.) и Блажевци (2 к.), една фамилија се преселила во Бугарија. А од Голичевци има иселеници во Тетово и Белград.

ТОПОНИМИ

Имиња на маалата

Тресонче во минатото имало многу маала. Со одење на селаните на гурбет (печалба) неколку од нив исчезнале. Денеска се останати следниве 14 маала:

“Бошковци”, кое името го добило откако на тоа место најпрвин се населил некој Бошко;

“Екмежиевци”, било наречено така оти таму живееле фурнаџии, а по турски фурнаџија се вели ‘екмежија’, од ‘екмек’ – леб;

“Тризловци” – оти биле тројца браќа, угурсузи, зли и лоши, па оттаму луѓето ги нарекле три зла, односно Тризловци;

“Јуруковци”, луѓето биле населени таму од турското село Јурук кај Прилеп;

“Брадиновци” се вика така оти луѓето од една куќа која се наоѓала на тоа место биле во заточение долго време. Кога ги пуштиле, се вратиле во селото, но имале големи бради, па оттука и луѓето ги нарекле Брадиновци;

“Цапаковци” се вели зашто старите нивни имале многу кози, но уште повеќе цапови (прчови).

На маалото “Кадиевци” името му е кладено вака: Се скарале некогаш тресончани со Брсјаците од синорот на Кичево за едно место во планината. Стигнале и на суд, а оттаму Османлиите им рекле да си ги донесат најстарите луѓе, па тие да кажат чија е планината.

Го повикале најстариот тресончанец кој потекнувал од една од куќите што се наоѓаат покрај реката. Тој им кажал дека границата е каде што се “трите гроба”. Османлиите го прифатиле неговото кажување, па тресончани си ја повратиле земјата, а на дојденците во судницата им рекле: ‘Што ни се обраќате нам, кога вие си имате свој кадија. Овој ми ти бил кадија, а не ние’.

“Лековци” се вика маалото зашто првите луѓе таму дошле од областа Лека во Албанија;

“Крајниковци” се вика оти било на крајот од селото;

“Пешковци” се викало оти таму само пешки се одело, патот бил тесен, па не минувал ниту коњ;

“Врлевци” се викало така зашто  тие што живееле горе сe гледале оттаму, односно биле “оврлени”, “опулени”;

“Петровци” се викало така поради некој Петре кој прв се населил во тој дел од долината,

а “Јодровци” се викало оти било најголемо, најјадро, односно ‘јодро’.


Имиња на месности

“Стража”Во време на турско, оттука врвеле карвани со азно што го збирале даночниците од граѓаните, но по патиштата имало многу качаци. Карванот од над Тресонче требало да заминува кон Солун и Цариград, па турската власт на местото на планината ‘Шкрка’ во теснецот кога се слегува кон пасиштата во ‘Говедарник’ поставувале стражари кои потекнувале од Тресонче. Тие биле стражари, односно дервенжии. Оттука и местото се нарекло ‘Стража’.

 

“Локва”

Името се носи по “локви” – млаки, мочуришта, езеришта. Месноста е западно од Тресонче над патот што води кон селото Росоки.

“Гуменце”

На ова место селаните имале нивје, каде правеле гумна. Таму се троцкало жито, односно житото се ставало на една страна, а сламата на друга. Оттука и местото го завикале “Гуменце”.

“Сечен камен”

Ова место се наоѓа на патот кон Росоки. Тука мештаните доаѓале да делат и сечат камења за воденици, па кога прашувале каде одиш, велеле до Сечен камен. Името се подведува по акцентска целост.

“Рофјосан камен”

Кога се оди се в планина, кон Говедарник, близу до изворот Два клаенца се наоѓа една колема карпа, како со нож пресечена на половина. Преданието вели дека во карпата удрила рофја (гром), па го пресекла на половина, така што и ден денеска наоколу се гледаат големи парчиња камен расфрлани низ околната шума. Оттука името Рофјосан камен, кое се подведува под акцентска целост.

“Маркова стопалка”

Над Рофјосан камен во близина на еден друг извор што се вика Студена водица, се гледа голема вдлабнатина врз површината на една карпа. Таа стапалка (стопалка) демек била на Крале Марко, а како потврда за веродостојноста на преданието, на другата страна од долината, под врвот Брзовец тресончани нашле уште една вдлабнатина, која е всушност од другата нога на Крале Марко. Растојанието меѓу двете стапалки е околу два-три километри воздушна линија, а во долината меѓу планините минува Тресонечка река, а  кањонот е длабок неколку стотина метри. Ете, колку бил голем и силен овој јунак!
Бачилата тресонечки

Едно од нив е наречено Маскаревец, оти некој маскара се направил таму. Ќирилевец е другото бачило зад ‘Шкрка’ кое името го добило по некој овчар Кире.

“Говедарник”

Говедарник’ е местото меѓу ‘Брзовец’ и ‘Шкрка’. Така се вика зашто таму паселе говедата, а над нив паселе овците.

“Присој”

Присој е местото над маалото Кадиевци во шумата. Така се вика зашто цело време е на јужната страна и во текот на целата година го пече сонце.

“Горни присој”

Ова место се наоѓа на исток од Тресонче, над Горна воденица. Така се вика оти е повисоко од ‘Присој’. Таму имало многу јачмен, а сега диви круши, сливи и дабови. Се подведува под акцентска целост.

“Смилев гроб”

Кога се оди кон бачилото Ќирилевец, кај Борот, отепан е Смиле Брадиноски од Тресонче. На тоа место го нападнале арамии качаци и за негов спомен, адет е секој кој врви по овој пат, кој од селото води кон Говедарник, да фрли по едно камче, за на Смилета да не му се изгуби гробот.

Преданија за пештерата Алилица

Алилица е пештера која се наоѓа на неколку километри источно од Тресонче. Според првото предание, понапред си бил некој овчар по име Алил, кој во месноста Гуменце си ги чувал овците и шилежињата. Овците оттаму презимувале во солунско, крај реката Галик, а шилежињата останувале во Гуменце. Но, Алил се покажал голем арамија, па ги крадел јагнињата што останувале во планината. Ги колел едно по едно и ги пуштал кон Тресонче по реката, каде ги дочекувала сестра му. Сточарите го забележале, па и него го отепале и го фрлиле во пештерата, што подоцна ја завикале Алилица.

Според второто предание, во старо време си бил некој Алил Паша. Еден ден се враќал од собирање арач (данок), но во близина на пештерата го нападнале арамии. Тој го засолнил азното во пештерата, па според некои кажувања после се вратил и си го земал, а според други, азното сѐ уште е некаде во пештерата?!

Според третата легенда, си била некоја Лила која исчезнала. Селаните тргнале да ја бараат и викале: “Ооо, Лилице, ааа Лилице, а-лилице, Алилице!!!” Не се знае дали Лилица некој некогаш ја пронашол.

Јаболкничето “Сирмиче”

Сирма Војвода потекнува од Тресонче од маалото Врлевци. Таму уште од старо време имало две јаболкничиња кои децата и старите ги завикале “сирмичиња”, оти биле убави и нежни. Ама, Сирма Војвода била и многу храбра и сурова, а за неа може да прочитете во делот за личностите од Тресонче.

“Пецово” (“Пецово гумно”)

Ова место е многу високо во планина, речиси под Брзовец. За него се користи и топонимот “Пецово гумно”, како акцентска целост, оти таму некој Пецо имал жито, па таму (на гумно) го ‘троскал’ и го вршел.

“Брзовец”

Брзовец е највисокиот врв во средиштето на Бистра планина. Се наоѓа веднаш над Тресонче, а неговите карпести сртови се највпечатливи во целата долина, па се гледаат уште од патот кој од Бошков мост води кон Лазарополе, неколку километри западно. Се вика така, зашто на него ветровите се многу силни и дуваат деноноќно во текот на целата година, но и зашто оттаму врвот носи брзи вести за промена на времето.

“Водици”

Ова место се наоѓа под месноста Пецово. Така се вика зашто во една карпа во шумата има светилиште посветено на празникот Водопост, односно Водици, кој секоја година се слави на 19 јануари. На тој ден тресончани се качуваат во шумата и кај светилиштето палат свеќи.

Изворот “Змејовица“

На еден извор кој се наоѓа на пат кон планина, кон Говедарник ќе се напиете од најладната вода на Бистра. Понекогаш изворот бил толку силен што ‘брефтал’, па велеле дека горе има некој ‘змеф’, т.е. змеј.

“Штали”

Ова место уште се нарекува и ‘Света Петка’. Се наоѓа на патот што од Тресонче води кон селото Селце. Таму денеска има штали, кои во социјализмот биле предилници за килими, а веднаш до нив се наоѓа и едно мало црквиче посветено на ‘Света Петка’, кое е едно од трите тресонечки цркви.

“Ленишча”

Месноста сред село претставува една голема ливада каде порано се одгледувал лен, па оттука и името ‘Ленишча’. Денеска околу него се наоѓаат старото училиште “Димитрија Ормански”, црквата “Свети Петар и Павле”, како и куќата на задругата “Дичо Зограф”. На ‘Ленишча’ се наоѓа и споменикот на паднатите борци во НОВ од Тресонче, Селце и Росоки.

“Сталево клаенче”

Ова кладенче се наоѓа на патчето што од Тресонче води кон Алилица, односно кон месноста Дужина дупка. Го направил некој Стале. Беше уништено и пресушено, но денеска е обновено, соѕидано и од него тече убава ладна вода.

“Дужина дупка”

Местото се наоѓа на патот што од селото води кон пештерата Алилица, покрај Тресонечка река. Се верува дека оттаму излегува виножитото. ‘Дуга’ е другото име за ‘виножито’ во мијачкиот дијалект, па оттаму и придавката – “дужина”, односно – Дупката на виножитото.

“Орлово седело”

Ова всушност претставува една голема висока карпа под врвот Брзовец. Таа се вика зашто таму има седела (гнезда) од орли. Порано имаше повеќе, но денеска многу поретко се наоѓаат орлови седела на карпата.

“Опни шуп”

Има еден стрмен рид меѓу изворчето Брајковче и ‘Орлово седело’. Качувањето по ридот е многу тешко, па секој намерник треба да напне и да се помачи за да го искачи.

“Голем дол”

Се наоѓа во подножјето на ‘Шкрка’, на крајот од ливадите во Горна воденица. Тој е најголемиот дол во долината. Горе, на неговиот почеток се двојат патиштата кои од планина водат кон Тресонче, односно кон Лазарополе.

“Горна воденица”

Источно од селото по горното течение на реката се наоѓаат неколку големи ливади. Под нив, покрај реката имало повеќе воденици, но на крај останала само една, па селаните ја завикале Горна воденица. Имало и Долна воденица. Таа била во маалото Кадиевци, десно од горниот мост што ја премостува Тресонечка река. Денеска нема ниту една од нив.

“Шкрка”

‘Шкрка’ е името на планината што како брана ја заградува тресонечката долина од исток. Станува збор за голема масивна планина покриена со густа букова шума. Изгледа доста питома, но страната што ? е свртена кон селото е многу стрмна, т.е. ‘шкарпирана’, ‘шкркеста’, ‘Шкрка’.

ТРЕСОНЧАНИ НА ТИТАНИК

Ноќта на 15 април 1912 година потона прекуокеанскиот брод Титаник, дотогаш најголем патнички брод изграден во светот. Во ладните води на Атлантскиот океан, освен бродот засекогаш потонале и двајца тресончани, единствени Македонци кои загинале на Титаник, меѓу останатите 1.523 души!

12688113_815265925252116_3143604537633641796_nТоа се браќата Јанко и Миле од родот Смилески – печалбари кои биле на пат за Америка. Иако нивната семејна лоза има и други толкувања, зашто и во Србија ден денеска има едно семејство кое вели дека Миле потекнувал од Црна Гора и оти немал брат Јанко, ами неколкумина браќа и една сестра кои во 1912 година живееле во Америка, а тој одел кај нив, сепак аргументите се и на двете страни, а и најстарите тресончани го задржале паметењето за двајцата браќа од маалото Врлевци кои пред почетокот на балканските војни потонале на Титаник.

Најстарите жители на Тресонче раскажуваат како дури од деца слушале за смртта на нивните соселани на Титаник. Има можност, тие да потекнуваат од познатиот тресонечки род на Сарџо Брадина или од некое друго помало семејство Смилевци, но старите не паметат дека имало други Смилевци в село. Доколку се од првиот род, во тој случај имаат врска со Смиле, внук на познатиот ќаја Сарџо Караџа Брадина. Смиле бил син на Трене и Софија. Во родовското стебло на оваа фамилија се среќава името Милетие.

Мајка им ја викале Трена (или Треневица, н.з.) и кога разбрала оти нејзините единствени синови потонале некаде на море додека со голем брод патувале кон Америка, одлучила да засади орев, за секој намерник да каснува по едно кокале за душа на загинатите синови. Тоа го сторила и за да не се сотре паметењето за нивната фамилија, зашто пред многу години починал и мажот. Трена починала во длабока старост некаде во времето на Втората Светска Војна.

12688387_815265998585442_947346816031365733_nОревот навистина беше огромен џин и еден од најголемите во долината, но тресончани го заборавија аманетот на баба Трена. Во доцните осумдесети или во раните деведесетти години од 20 век, два-тројца тресончани одлучија дрвото да се пресече, бидејќи во тие години ореовото стебло достигна нешто повисока цена од вообичаената. Едниот од нив беше од Кадиевци, а другиот од Бошковци, а денеска и двајцата не се повеќе живи.

За среќа, сe уште постојат остатоци од гигантското стебло на оревот, кое како смртно ранет див лежи на падините меѓу Врлевци и сред село – “Ленишча”, скаменето од сонцето, дождот и снеговите. Во догледна иднина неговото стебло би требало да се заштити или да се префрли на суво место, за и во иднина да остане да биде сведок за загинатите Мијаци на Титаник.

Додека авторот на овие редови со месеци го истражуваше случајот “Титаник – Тресонче”, барајќи низ американските Интернет архиви податоци за загинатите патници на тој брод, стигна допис од архивата наречена “Encyclopedia Titanica”, најбогатата Интернет страница каде може да се најдат секакви информации за несреќата. Во дописот упатен од уредниците на отворениот форум за информации стигна и потврдата за патникот Миле Смиљаниќ (или Смиљановиќ), кој загинал на 37 годишна возраст. За неговиот брат Јанко не пристигна ништо!

Од информациите до кои беше дојдено се дознава дека Миле, откако неколку години печалбарел низ Србија и Хрватска, преку Австрија заминал за Саутхемптон (Англија) и оттаму на 10 април 1912 година (во среда) се качил на Титаник на пат кон Њујорк. Се качил како патник од третата класа, пријавувајќи се како земјоделец. На бродот, како земјоделци, заедно со Миле, се пријавиле вкупно 49 лица. Бројот на неговиот билет бил 315037, што Милета го чинел 8,13 фунти. Тој ден во Саутхемптон на бродот се качиле 1.645 патници без да знаат дека за само 5 дена повеќемина од нив ќе се удават во ладните води на Атлантикот.

Името на неговиот брат Јанко беше пронајдено во хрватски архиви во кои се цитира публикација со наслов “Титаник”, објавена во Сараево во 1998 година. Таму и двајцата се водат како Хрвати, а во големата “Encyclopedia Titanica”, Миле Смиљаниќ се води како патник кој дошол од Австрија и чија дестинација е непозната. Имињата Јанко и Миле и самите Хрвати ги токлуваат како сосема “нехрватски”.

12687801_815266055252103_2164572198614949733_nДодека живеел во Србија Миле основал семејство чии наследници и ден денеска живеат во околината на Белград. Неговата внука Софија во 2004 година беше сe` уште жива, но во длабока старост. Таа носи исто име како и името на можната мајка на Миле, односно Софија, жената на Трене Смилески!

Screenshot_20200212_091025

Интересно е што името на Јанко не се споменува меѓу официјалната листа на загинати. Неговото име не се поврзува ниту со местото каде што се качил на бродот. Се претпоставува оти постои можност, како и голем број други лица, Јанко да успеал скришно да влезе како слеп патник на Титаник, за со Милета да заштедат некоја пара за кога ќе стигнат во Америка. Тоа веројатно никогаш нема да го дознаеме.

Телата на тресончаните Миле и Јанко Смиљаниќ никогаш не биле пронајдени! Бродоломот го преживеале само 705 лица кои биле извлечни од екипажот на бродот “Карпатија”.