ГАБИ

 

 

  

Мувоморка змиска габа (Amanita Muscaria) 

Оваа печурка има црвен глобус со бели ситни остатоци од нејзиниот омот, бели густи ливчиња, бело стебло кое на дното е задебелено. Расте од лето до крајот на есента во листопадни и иглолисни шуми. Ова е отровна габа со психотропни својства.

Буковка  (Pleutrous Ostreatus)

Клобукот е сив, кафен или жолтеникав со бели и подоцна сивкасти ливчиња. Стеблото е кратко, месото на габата е бело, цврсто со пријатна миризливост. Расте во есен и зима, во големи групи исечени стебла и живи листопадни дрва. Таа се користи во исхраната, има одличен вкус и е добро позната габа.

Црна Труба (Craterellus Cornucopioides)

Телото на оваа габа е тенко, во вид на труба, внатре е кафено-црно или црно со модро-сиво стебло. Месото е тенко, сивкасто, еластично со пријатен мирис и сладок вкус. Расте во големи групи во летниот период и на есен на влажни шумски терени. Таа се користи во исхраната и е карактеристична со многу добар квалитет и вкус.

Јајчарка, Кралевка, Благва (Amanita Caesarea)

Клобукот е со убава портокалово-црвена боја со густи жолти ливчиња. Стеблото е жолто со венче кое виси. Месото е бело-жолтеникаво со слаб но пријатен мирис. Расте во лето и есен во шуми и чистини. Оваа печурка има извонреден вкус и важи за една од најквалитетните габи.

Лигав Вргањ (Suillus Gravillei)

Клобукот е со златно жолта боја, лигав и кожичката се лупи. Цевчињата се жолти со мали отвори. Стеблото е високо и жолто-кафено. Месото е жолто, не променува боја и има пријатна миризба. Се јаде само клобукот бидејќи стеблото е тврдо и често црвливо.

Лисичарка (Cantharellus Cibarius)

Клобукот е стеснат, сув, во средина вдлабнат со свиткани рабови и жолта до портокалова боја. Ливчињата се жолти и од клобукот се симнуваат по стеблото кое е голо, а кон коренот е потенко и посветло од клобукот. Месото е со жолто-бела боја со мирис на праски. Расте од доцна пролет до есен, групно во листопадни и иглолисни шуми. Габата е јадлива со извонреден квалитет.

Ливадски Шампињон (Agaricus Campestris)

Клобукот е широк, бел, кафен со густи розови, а потоа кафени и на крај црни ливчиња. Стеблото е бело со мало венче. Месото е бело, на пресек со розова нијанса и одличен вкус и мирис. Расте поединечно и во групи, во период од мај до крај на есен, на ливади и пасишта. Таа е јадлива и извонредно вкусна габа која може да се приготвува на разни начини.

Правутка (Bovista Plumbea)

Плодното тело е топчесто со коренест продолжеток. Тоа е бело и мазно со кожичка која подоцна се збрчкува и распаѓа. Месото е тврдо и бело, а потоа сиво-кафено во вид на прашина. Габата  се јаде додека месото е цврсто и бело. Остарената габа на врвот добива отвор низ кој на притисок излегува кафеава прашина (спори) со кои се размножува, а народот ги користи за лекување на рани кои тешко заздравуваат.

Рујница (Lactarius Deliciosus) 

Клобукот е конвексен со портокалово-црвена боја и концентрични кругови кои добиваат зелени дамки. Ливчињата се густи, портокалови, а на притисок позеленуваат. Стеблото е високо и при дното потесно со плитки вдлабнатини со портокалова боја. Месото е жолто-портокалово и испушта портокалова течност (млеко). Расте од лето до зима во борови шуми. Рујницата е јадлива со одличен квалитет, а може да се пече на жар, да се додаде во салата, да се конзервира и слично.

Срндач, сонларка (Macrolepiota Procera)

Клобукот е голем и тркалезен, во младоста топчест, на средина издигнат и кафеав, а по површината има ситни лушпи. Ливчињата се густи и бели. Стеблото е високо и витко, тврдо, влакнесто и шупливо со подвишен прстен. Месото е бело, меко, на издигнатиот дел тврдо. Се карактеризира со пријатен мирис и вкус на лешник. Расте во лето и есен во сите шуми. Габата е јадлива со извонреден квалитет, но се употребува само клобукот и тоа на разни начини. Најдобро е клобукот да се подготвува со јајца и брашно или да се пече на скара.