Историјата на Тресонче

 

Тресонче за првпат се споменува во еден попис од 1467 година a нешто подоцна во Тахрир дефтер бр. 4 од 1474 – 1476 година, каде се наведува како дервенџиско село. Првите зачувани записи за селото датираат откако на територијата на Македонија се зацврстила отоманската империја.

Веројатноста и пред тоа да постоело селото се доста големи, но поради борбите што во тоа време се воделе на Бистра меѓу Османлиите и нивните противници придонело времено раселување на населението од регионот на Радика. Според проучувањата, се смета дека во далечното минато регионот на Мала Река ја населувале сточари – Власи, кои живееле во привремени летни колиби и ги користеле богатите пасишта на Бистра.

 

 

Маалото Брадиновци во минатото

Според наодите на српскиот научник и етнолог, Јован Цвииќ, кој работел во почетокот на 20 век, со доаѓањето на словенските племиња на тој простор, Власите се словенизирале. Сепак, денеска сe уште е храбро да се каже дека Мијаците од Тресонче и од останатите села од регионот се спој од Словени и Власи, зашто т.н. егејска теорија за населувањето на Мијаците во западна Македонија се повикува и на уште една, подревна античко-македонска претпоставка за потеклото на Мијаците!? Има размислувања според кои тие се чисто словенско племе кое имигрирало од територијата на денешна Албанија.

За значењето на зборот “Мијак” прв писмено толкување дал галичанецот Ѓорѓија М. Пулевски (1822 – 1893). Тој во неговата книга “Славјано – маќедонска општа историја” објаснува дека “думата МИЈАК означава – бистар ум, хора бистроумни и оште Мијаци = Македонци…”. Потеклото на Мијаците Пулевски го поврзува со античките Македонци и смета дека “Мијаците биле гвардејци на Александар Македонски, а Брсјаците биле  неговата брза армија”.

Според првичните записи во 1467 година во Тресонче имало три христијански куќи. Раскажувањата на старите и пронајдените    записи во турските дефтери сведочат дека во Тресонче низ вековите имало и до 300 куќи, а еве како се движел бројот на домаќинствата според пописите од поново време: според пописот од 1921 година Тресонче имало 248 домаќинства со вкупно 851 жител (274 машки и 577 женски лица); во 1925 година бројот на домаќинства изнесувал 164, а вкупното население 761 жител; во 1930 година имало 117 домаќинства, а 785 жители; во 1948 имало 34 домаќинства, а во 1953 бројот на жители изнесувал 169 лица. Во 1961 година бројот на домаќинства изнесувал 70, со 153 лица; во 1971 година имало само 10 домаќинства со вкупно 24 жители, а во 1981 се регистрирани 15 жители. Во 1994 година во Тресонче се регистрирани само 3 домаќинства со вкупно 9 жители, или како што споменавме погоре, исто колку што селото броело во 1467 година!

 

 

Маалото Лековци во минатото

Во 2004 година тука живеат 12 лица во 5 домаќинства, но бројот на лицата кои си доаѓаат крај своите стари огништа преку летото, зимските распусти и викендите е сe поголем. Во селото се прават нови куќи, а веќе неколку години до него води тесен асфалтен пат, прооден и во текот на зимата.

На надморска височина од 1.000 до 1.100 метри терасесто, една над друга надвиснуваат куќите наредени во 14 маала: Кадиевци, Пешковци, Јодровци, Лековци, Јуруковци, Бошковци, Брадиновци, Врлевци, Екмежиевци, Крајниковци, Србиновци, Петровци, Тризловци и Кичевци. Некои од маалата денеска се ненаселени.

Тресонче е богато со православни црковни објекти и светилишта. Во средината на селото се наоѓа централниот храм “Свети Петар и Павле”, изграден во 1844 година на местото на старата црква, за која денес не постојат ниту записи ниту преданија. Ктитор на храмот бил ќеајата Сарџо (Саржо) Брадиноски и тоа се дознава во записот на Дичо Крстев Аврамоски, подоцна познат како Дичо Зограф, кој ја зографисувал црквата во 1845, 1846 и во 1851 година.