Кога ќе се спомене свадба, традиционална свадба и Галичник, веднаш умот не носи на единствената Галичка свадба. Традиција, култура, негувана со децении во денешно време ни ја дава можноста да се враќаме на миг во минатото и два дена да уживаме во она на кое се радувале нашите предци.
Од тоа што го прочитав и неколкуте документарни филмови кој ги изгледав за Галичката свадба, можам да кажам дека во денешно време да подготвиш модерна свадба е премногу лесно, а да си дел од оваа манифестација е предизвик, гордост и голема одговорност, едноставно таа е сама по себе еден голем времеплов кој ве враќа во минатото и пленува со својата уникатност и грациозност, едноставно таа е култен мост помеѓу сегашноста и минатото кој ќе ви предизвика морници по телото, воздишки, возбуда или накратко кажано, ова што ќе го видите тука нема да го видите на ниту едно место на светот.
Најголемиот дел од свадбите биле одржувани околу празникот Петровден. Причината поради која околу овој празник се одржувале и по 60свадби била враќањето на момчињата од гурбет. Доаѓале неколку дена пред Петровден правеле свадба и оние кои не заработиле доволно повторно, по месец и половина се враќале назад на печалба. Па од тука е и онаа старата порака од народна песна во која се вели “ Каде да си , за Петровден дома да си”, а од тука не е ни малку чудно што Петровден за галичани е празник на љубовта.
По Велигден и Цветници, веќе со голем интензитет се работело за завршување со подготовките за свадбените церемонии кои требале да се одржат за Петровден. Ако во денешно време можете да платите и се да ви биде подготвено, во минатото сите подготовки биле правени рачно во кругот на најтесното семејство. Па така и девојката која што требала да се мажи со помош на нејзината мајка, баба и други блиски рачно ја изработувала својата свадбарска носија, која сама по себе тежи околу 20килограми, чеизот, како и сите дарови за дарување на сватовите.
Свадбарските церемонии во минатото траеле цели пет дена и тоа започнувале со собирање на папрат и јаворово дрво од кои во дворот на младоженецот се правела колиба која служела за сместување на познатите “Дебарски топанџии” кои со децении се дел од овие свадбарски веселби. На две вечери пред Петровден со гозба, гости и песна кај момчето се подготвувал и Бајракот. Накитен со многу цвеќиња, срокот(врвот на што завршува со длаборез дрвен крст) на кој е поставено мијачкото знаме, Бајракот се поставувал на еден агол од куќата на претходно подготвена и закована пепарушка на една греда од стреата.
Со неколку истрели од стариот побратим се објавувало дека Бајракот е поставен и свадбата можела да започне. Оваа церемонија била проследена со многу убава песна:
Пејет пиле на високи полесок,
будит моме здраво и весело:
„Стани моме да би не станало
по ридови с’лнце огреало.
По чардаци крстати бајраци,
по дворови китени сватови
по прикледи шарени ковчези
а пред кледи млада зетелина
и во кледи свршена девојка, и-и-и!“
Од спротива на селото топанџиите од Дебар го најавувале своето доаѓање кон куќата на момчето со свирење на езгија. Потоа пред куќата на младоженецот се изведувало познатото свекрвиното оро, каде свекрвата излегувала пред куќата со сито на главата, на кој бил поставен леб, кој значел благодет за невестата.
Љубовта уште еднаш ќе биде мотив за повторно да се слушнат пискотници од Галичник до Река, но овој пат пискотници на зурлите и топаните, кои ќе ја означат радоста, смеата и веселбата.– Црква Св.Петар и Павле
Одењето на вода се сметал за еден од најзначајните обреди на оваа свадба, бидејќи самиот по себе имал функција на созревање на жената која поминувала од доба на моминство во зрела жена. Тој ден роднините на момчето, без него, ја земале невестата од дома и заедно со нејзините роднини и со запалени борини оделе на вода, каде на три чешми невестата полнела вода и помалку се напивала. Потоа ја враќале во својата куќа, каде младите играле околу огнот. Овој обичај значел желба во огнот да изгорат сите нејзини девојчински гревови.
Утрото на сам ден Петровден, зетот со своите најблиски одел на гробиштата да ги покани и да им направи чест на мртвите, а воедно да побара и дозвола за женење од нив. На овој ден свирачите стоеле од страна и свиреле жални мелодии. За овој обред нашиот Петре М. Андреевски кажал …Животот никогаш не смее да биде слава само на живите, зашто и мртвите некогаш биле живи, зашто и живите еднаш ќе бидат мртви и голем грев е нивната врска да се прекине.
Следниот ден, зетот со неколку свои другари и дебарските топанџии одел на зовање кај кумот, побратимот и бајрактарот, а пак роднините ги канела млада зовачка со придружба, која со себе носела карта полна со вино и накитена со цвеќиња.
Доаѓа денот на земањето на невестата, но претходно се повикувал бербер да го бричи зетот, кој пред чинот земал прошка од домашните и најблиската рода и на сите им бакнувал рака. За време на обредот сите плачеле бидејќи тоа значело одвојување од семејството и поклонување на невестата т.е. пристапување кон создавање свое семејство, па затоа и пееле: “ Одклони се од мајка, татко, приклони се кон млада невеста”.
По бричењето зетот се миел со вино до три пати и веќе бил спремен да тргне по невестата.
Качени на коњи на чело со Бајрактарот, облечени во најновата свадбарска руба, во строј тргнувале надесно во насока на “Mијачки џеп”. Ќе се запрашате што е тоа па сега “Мијачки џеп”. “Селските првенци од мијачијата правеле собири каде што решавале значајни прашања. На еден од тие собири одржан во Манастирот Св.Јован Бигорски на крај на 19тиот век било поставено и прашањето на сретнувањето на сватови од повеќе свадби. Секој сакал да биде од горната страна на патот при преминувањето, па често ваквите средби завршувале со тепачки. Затоа собирот решил: секогаш одењето на сватовите по невестата предводени од бајрактарот да биде десно во насока на „мијачки џеп“. А џеп во мијачката машка носија имало само ќепето (наречен пазуварка). Значи буквално оттогаш во свадбените обичаи кај Мијаците е воведена практиката сите кинисувања да бидат надесно. На овој начин сите свадбени поворки, само можат да се стасаат, никако и да се сретнат.”
Свекорот во торба ја носел свадбената погача, која ја менувале со сватовите, а свекрвата носела торба со дарови со кои ја дарувала невестата. Веднаш зад нив биле кумот, старосватот и топанџиите. Кога ќе се доближеле пред куќата на невестата, мушчулџијата-аберџија се одвојувал од стројот и одел до кај невестата за да го видат сватовите дека доаѓаат по невестата. Во нејзината куќа го дарувале со бела риза која ја врзувале за гривата на коњот, кој потоа се враќал и го известувал младоженецот дека патот е чист и сите заедно се упатувале кон домот на невестата, а таа преку пенџере низ прстен го гледала својот иден маж кажувајќи три пати “Низ прстен те гледам в срце да ти влезам”.
Најмладото од “таткино мајкино” во бела риза ставало од се по малце од трпезата кај невестата, кое симболизирало бериќет, род, здравје и радост. Од како ќе била променета невестата пред да биде изнесена, сватовите чукале на вратата, а жените кои ја дотерувале барале пари и додека не било доволно не ја отворале вратата. Потоа во придружба на нејзиниот брат и побратим се изведувала во одајата кај сватовите каде што на сите им бакнувала рака. На коњите се товарал чеизот и тргнувале кон домот на младоженецот, при тоа што невестата со дулак на себе за да се заштити и од уроци, три пати се поклонувала на татковата куќа, а со тоа и се збогувала со неа и со плач качена на коњ ја носеле кон новиот дом. Со цел комплетно да биде заштитена од уроци и магии, при симнувањето од коњот се постилале мотавчиња (черги) по кој таа газела до домот. Во новиот дом ја пречекала свекрвата со сито, погача и бокал вино, три пати ја вртела околу коњот, со лебот да ја удирала по глава и велела “Жити лебов да ме слушаш”, потоа и ја ставале капата од момчето за да му биде верна во заедничкиот живот, за на крај со синџирот од оџакот ја удирале по главата, ова значело венчавање со куќата. Вечерта во дворот на младоженецот гозбата продолжувала, а невестата со младите девојки од куќата легнувала да спие.
Ќе се запрашате каде е венчавањето во црквата Св.Петар и Павле? Малку чудно но, тоа се тие сегменти што овие народи ги прават посебни. Од кога ќе се земе девојката следниот ден се правела венчавката во црквата.
Невестата покриена со дулак влегувала во црквата, а од неа излегувала откриена. Свекрвата напред со бело котле накитено со жолто париче и босилек со вода ги попрскувала младите додека да стигнат дома, свекорот ги носел погачата, леблебии и пченица, а додека пак стариот побратим по излегувањето од црквата кршел грне на врата кое било полно со ореви и шеќерчиња. Следното утро се одело повторно на вода, каде невестата на сите гости им потурала да се измијат, а потоа ги дарувала.
Попладнето доаѓале поклонари кои носеле дарови на невестата во форма на пари. Веселбата со нив продолжувала до доцна во ноќта со играње на Тешкото , а утредента топанџиите со своите езгии полека ја напуштале куќата.
По завршувањто на сите свадбени церемонии единствано Бајракот останувал да се вее една недела по завршувањето на свадбата. А потоа повторно во зората се собирал, здиплувал и оставал да ја чека наредната свадба.
Ова се само дел од обичаите кои се практикувале за време на Галичката свадба. Во денешно време е голем успех што и истите на некој начин автентично се прикажуваат за временски интервал од два дена. За оваа година честа преку која ќе патуваме во минатото и ќе ја согледаме традиционалната Галичка свадба се Бошко Лепчески и Тања Чаловска, двајцата со потекло токму од Галичник. Двете половини ќе бидат централни ликови преку кои ќе се одвиваат низа обичаи од свадбената церемонија која ќе создаде едно цело.
Автор: Бранкица Б. Анѓелевска
Извор: www.hybread.mk
0 Comments