Под покровителство на Министерството за култура и Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, на 5 октомври 2021 година, во с. Тресонче свечено ќе биде отворена Втората малореканска школа „По патеките на Дичо Зограф“. На отворањето на Школата, во дворот на црквата „Св. апостоли Петар и Павле“, ќе биде промовиран Зборник на научни трудови од Првата малореканска школа и ќе бидат изложени проектни решенија за ревитализација на старото училиште во Тресонче во спомен-дом и музеј на Дичо Зограф.
Активностите на Школата ќе се одвиваат од 5 до 9 октомври 2021 година во с. Тресонче, во околните села на Мала Река, во Бигорскиот манастир и во Дебар, во рамките на двете секции – историја на уметноста и архитектура. Едукативните и научноистражувачките активности на Школата ќе ги следат четиринаесет учесници, кустоси и научни соработници во музеите и во научните институции од Македонија, како и студенти од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
0 Comments