Карактеристики на мијачката куќа

by | Dec 3, 2020 | архитектура, историја, мијаци, обележја

При анализата на градителството и градителските традиции во Македонија, и пошироко на Балканот, сите автори се согласуваат дека Мијачкиот крај е местото од каде што потекнува плеада на мајстори градители. Неколкугодишните истражувања на терен, недвосмислено упатија на нивниот особено различен начин на градба и однос кон градителството воопшто. Во минатото, во сите краишта на Македонија, селската куќа ја задржала својата утилитарност, изградена од месните мајстори или од самиот сопственик, од материјалите кои ги има во најблиската околина, ослободена најчесто од декоративните елементи, освен оние кои ги создава основната форма или конструктивен елемент.

Куќата на Саржоски – Тресонче

Меѓутоа она што уште во првиот момент може да се забележи при посетата на селата на Мијаците е еден посебен однос кон куќата и градбата воопшто. Исконскиот однос кој поединецот го носи во себе кон домот, а посебно односот на мајсторот кон градбата, нејзината целовитост и секој поединечен елемент, можеме да гопочувствуваме на секој чекор.

Кога се зборува за градителството во овој крај се наметнува констатацијата дека се работи за една исклучителна појава, која е длабоко вкоренета во нивното битие. Затоа може и да се зборува за карактеристиките – особина, вештина, која со векови наназад се пренесувани на генерациите кои доаѓаат, најчесто во рамките на фамилијата. Основната дарба за обработката на каменот и дрвото, нивните логички врски во една стабилна градба, а особено чувството за естетика во применетите форми и склопови на применетите материјали, била постојано надоградувана и менувана, прилагодувана на потребите и барањата. Цврстиот и масивен камен во првото, односно во првите две нивои, силно се спротивставува на бондручната конструкција на последното ниво, затворено, најчесто, со темно обработено дрво. Основната форма добиена со извонредно избалансираниот однос – контраст на масивно и лесно, на светло и темно, на камен и дрво, богато е надополнета со едноставни, но ефектни детали, со што се создава една извонредно складна целина. Тоа се одлично изработените отвори на вратите, обработката на прозорските отвори, агловните камени блокови, еркерот и најживописниот елемент – ризалитите (повлекувања на фасадното платно) и аркадните ризалити.

Куќи со еркери на бондружната конструкција на најгорното ниво

Меѓутоа она што најмногу одушевува, тоа е прилагодувањето на објектите, промената на основниот тип, кој е евидентен секаде каде што можеме да го следиме градителството на овие мајстори. Климатските услови, топографијата на теренот, обичаите на месното население, често и желбите на инвеститорот се максимално почитувани, но сето тоа ни малку не ги намалува естетските вредности на објектот. Напротив во секое подрачје се создава различен и по своите особености карактеристичен лик на објект, во кој се вткајува особеноста на местото. Мајсторите градители, сублимирајќи ги вековните искуства, вообличиле еден специфичен тип на куќа, карактеристичен за овој крај и неговиот, по многу што специфичен начин на живот.

ОБЛИК

Моментот на кој прво ќе се задржиме во деталното проучување на куќата во Мијачкиот крај е последната фаза на развој на објектот. Постојано надоградувајќи ги своите искуства, особено на полето на естетиката, го повлекуваат еркерот и создаваат еден правилен призматичен објект, со пирамидален кров, кој нема изразена стреа. За еден оваков објект, не можеме а да не поставиме релација со симболиката на масоните, кај кои пирамидата поставена на коцка, го вообличува највисокиот духовен принцип поставен на тлото.[1] Без намера да се постави заклучок за ова прашање, уште еднаш ќе го цитираме Муцополус, кој ги нарекува “градители и масони.“[2] Дали постоеле врски со масонството и какви биле тие, во овој момент не можеме да тврдиме, бидејќи, освен овие релации, немаме други материјални докази.

Особено употребувано изразно средство на Мијачките градители, се до половината на XVIII век, бил еркерот. Со неговата употреба, тие создавале извонредно живописни објекти, со нагласена игра на фасадата на светло и сенка. Него го познавале, најверојатно од XI век, при градењето на веќе споменатите одбранбени кули. Биле извонредно вешти во неговата употреба и создавањето на естетскиот ефект. Меѓутоа тржејќи ново изразно средство, создаваат еден извонредно правилен и пропорциониран објект, со речиси математички точна правилност на употребените форми, за кој веќе стана збор. Оваков тип на објект претставува и кулминација на нивното градителство, воедно е и последна фаза на развој на куќата.

Куќата на Брадиновци – Тресонче

Динамиката на композицијата на фасадата не ретко ја создавале со ризалити. Најчесто се употребувани симетрични повлекувања, кои се појавуваат низ сите нивои, меѓутоа употребувани се и повлекувања на централниот дел низ две нивои, со лачна завршница. Овој архитектонски елемент има особен естетски израз и создава еден специфичен вид на монументалност на објектот.

Најчесто биле склони кон симетрични решенија на објектот, како во основа, така и во третата димензија, односно во целокупната композиција на објектот. Меѓутоа не ретко се употребувани и асиметрични решенија, кои одат од мали отстапувања од правилната форма, се до комплетно неправилини решенија. Во однос на неправилните решенија, најбитно е да се истакне дека во нивната употреба покажуваат врвно мајсторство и со помош на извонредно пропорционално издимензирани елементи на објектот, создаваат една извонредно динамична и живописна архитектура.

Освен овие композиционо – архитектонски елементи, живописноста и архитектонската убавина на објектот е изразена преку карактеристиките и природноста на употребениот материјал – каменот, дрвото и шкрилецот. Нивниот распоред, покажува извонредно пропорционален однос на монументалност и тежина, која ја дава каменот и на него спротивставената лесна бондручна конструкција. Колоритноста на објектот ја создаваат самите материјали. На светлиот, жолтеникав камен е спротивставено темно дрво и скор црн шкрилец. Начниот на обработка, на каменот и дрвото, најмногу е потенциран на местата каде е тоа потребно, од конструктивни, или естетски причини. Тоа се аглите на објектот, прозорските отвори, а најмногу се разбира кај влезните порти, бидејќи чувствувале посебен пиетет кон прагот на куќата.

ФУНКЦИЈА

При разгледувањето на карактеристиките на градителството на ова племе, не смее да биде занемарено функционалното обликување на објектот. Во функционанлото решение на оваа куќа доминира изразена осмисленост. Развивајќи го објектот на две, односно, многу често на три нивои, секоја содржина го наоѓа местото на кое се задоволени нејзините барања, и поставена така, во однос на другите содржини, да се возможни максимални услови на користење на истите.

Карактеристичната поделба на содржините по нивои, секогаш е таква што максимално ги почитува потребите на семејството, како и на секоја поединечна функција. Добитокот редовно се сместува во најдолното ниво, со што се одвојува физички од останатите функционални целини. Многу често на истото ниво во позадината на објектот, вкопани во земја се сместуваат клетовите, каде се овозможуваат скоро идеални услови за чување на храната.

Особеното чувсто и почит за огништето и местото каде се припрема храната и престојува целото семејство, го чувствуваме во централното место, кое скоро редовно го има “куќата” – одаја со огниште, во која се припрема храната и каде се собира целото семејство) во распоредот на содржините. Во останатиот простор се сместени одаите, кои се опремени со вградена и подвижна опрема, долапи, камари, мусандри, кофчези, скоро редовно изработени во прекрасна резба.

Стамбените нивои, најчесто имаат сопствен влез, кој е овозможен заради стрмината на теренот. И покрај тоа тие редовно се поврзувани помеѓу себе со скали. Ваквата организација, дури би можеле да ја наречеме и лавиринтска, овозможувала полесна комуникација помеѓу нивоите и просторите, меѓутоа овозможувала и да поединец или целото семејство се скрие или дури и избега, доколку е нападнато.

Мијачка куќа со засебни влезови на секое ниво

Влегувањето на стамбеното ниво е најчесто преку мал предпростор, доколку се работи за помал објект или за такво решение на објектот, или пак, во ѓизентија, односно ходник, кој се протега вдолж или напречно на основата. Многу се ретки решенијата кога влезот или скалите водат дирекно во стамбен простор, обично тогаш се работи за објект, со особено скромни димензии, или пак, за извонредно рационално решение на основата.

Мијачка куќа со засебни влезови на секое ниво – Галичник

Во зависност од распоредот и големината на економските простории, “куќата“ се поставува на второто или на третото ниво, скоро редовно во задниот дел од објектот.Централниот елемент на “куќата“ – огништето, се вградува во зидот, или пак се наоѓа средишно поставено, наткриено со елемент кој го одведува димот, не ретко со изразени димензии. Тука е и водникот, поставен во зидната маса, испод прозорот, освен ако заради обемноста на фамилијата не постои и помошна кујна, каде и се сместува тој. “Kуќата“ претставува централно место на животот на фамилијата и на сите случувања во неа. Затоа и добива изразено централно место во куќата, а и соодветна обработка со внатрешна опрема.

Чардакот и одаите го завземаат по правило предниот дел од второто и третото ниво. Заради суровата планинска клима, која и во летниот период се одликува со доста свежи ноќи, чардакот по правило е затворен. Неговата основна функција е- прием на гости, па така тоје е редовно е богато опремен, во прв ред со минсофи, за седење, богато со резба украсени мусандри и многу често со богато декорирана дрвена таваница. По димензии е скоро секогаш поголем од одаите и ја завзема доминатната позиција.

Одаите не биле користени многу, најчесто само за спиење. Обично секое семејство добива по една одаја, во која борави. Во недостаток на доволно одаи и чардакот се користел за истата намена. Правото на најстариот син било, со своето семејство, да борави на чардакот.

Куќа со затворен чардак со дрвена конструкција – Тресонче

Она по што особено се разликуваат во функционалното решение куќите на Мијаците, од сите останати е компакноста на куќата. Имено, долговековното живеење во племенско уредување, со многу јаки фамилијарни врски, со особено почитување на најстариот, кој воедно бил и глава на фамилијата, резултирало со компактно и заедничко живеење. Така и куќата на фамилијата, без обзир од колку членки, односно семејства е составена, скоро редовно има една “куќа,“ т.е. едно огниште, што во суштина преставува и центар на случувањата во фамилијата. Секое семејство добива по една одаја за спиење. Кога фамилијата се шири и куќата не може да ги задоволи потребите, тогаш се гради нова, поголема, или пак, многу почесто, се доградува помал објект, во кој се сместува дел од семејството, меѓутоа во тој нов објект не се гради “куќа,“ во суштина не се дозволува поделба на огништето, односно на фамилијата. Особено свежо е сведоштвото на фамилијата Томовски, каде во еден момент под ист покрив живееле братучеди од трето колено.

Меѓутоа во последниот век со ослабувањето на племенското уредување, како и на семејните врски, веќе почнуваат да се градат куќи кои составени од две, или многу ретко, од три целини, т.е. огништето веќе почнува да се дели.

КОНСТРУКЦИЈА

Мијачката куќа се одликува со логична, хармонична и смела конструкција. При создавањето на еден објект, секогаш се водело особено сметка да се постигне складност помеѓу основните елементи – функцијата, конструкцијата и архитектонскиот израз, при што е постигната особена хармонична согласност. Логичниот конструктивен склоп и неговите елементи се најчесто единствените архитектонски изразни средства, со кои се постигнува извонреден архитектонски ефект.

Преку анализата на конструктивниот систем, можеме да забележиме дека Мијачките мајстори покажуваат извонредно познавање на статичките закони, но и на специфичните карактеристики на употребениот материјал. Секогаш биле во состојба да оформат чист и јасен конструктивен систем, кој го остварувале со наједноставни и до крај поедноставнеи детали. Исто така имале способност од вака едноставен конструктивен систем, да извлечат максимално добро пропорционирана форма, со извонреден однос на полните и празни површини.

Долгата традиција во примената на овие материјали и стандардните конструктивни системи, посебно кај Мијаците, постојано се надоградувала и усовршувала, создавајќи од нив врвни мајстори.

Карактеристиките на теренот во овој крај, го условуваат посебниот конструктивен склоп на Мијачката куќа. Стрмниот терен, на кој најчесто се градени куќите, условува градење на камени зидови до последното ниво, бидејќи најчесто и второт ниво се наоѓа поставено на теренот. Камениот зид е применуван од одбранбени причини, но и како изолатор. Бондручната конструкција се појавува на третото ниво, во предниот дел на објектот, оформувајќи го чардакот и гостинските одаи, со можност да се појават повеќе прозорски отвори и поубави визури.Камените зидови, но и темелите се зидаат со дебелина од 50 – 80 цм. Сатабилноста на овие зидови се постигнува со поставување на хоризонтални греди – кушаци или сантрачи. Поставувани се на растојание од еден аршин и служат да го укрутат зидот од евентуални поместувања во хоризонтален правец. Секогаш се видливи од надворешната и внатрешната страна, односно не се малтерисувани и преставуваат вистински контраст на каменот, кој е изразен преку бојата, но и преку квалитетот на материјалот. Од камен се изведуваат не само надворешните зидови, но и преградните, кои понекогаш одат и до последното ниво. Употребениот камен е најчесто делкан, со тоа што посебно се обрнувало внимание на обработката на аголните камења и на рамките на прозорите и вратите. Тие се изработуваат од поголеми правилни камени блокови. многу внимателно изделкани. Најчесто околу вратите се појавуваат и лачно обработени камени блокови.

Скелетната или бондручната конструкција се појавува на последното ниво, во неговиот преден дел или кај преградните зидови. Конструкцијата е оформена од хоризонтални и вертикални носиви елементи, кои помеѓу себе се поврзани со косници. Затварана е со штици од надворешната и вантрешната страна. На тој начин се оформува извонредно лесна конструкција, со мала дебелина, кој е и одличен термоизолатор. Исто така, нејзината темна боја претставува одличен контраст на светлиот камен. Понекогаш преку штиците е поставуван малтер од двете страни на зидот. Постојат и објекти, но сосема ретки, кај кои е ставана облога само од внатрешната страна, така што целата конструкција е видлива.

Само во поставувањето на кровната конструкција, мајсторите не биле економични. Тоа е во секој случај резултат и на примената на извонредно тежок материјал за покривање – плочите од шкрилец, но и на примената , скоро исклучиво на системот на столица, за која се потребни многу повеќе елементи, отколку за елегантната висулка. Роговите се најчесто доста истурени надвор од објектот и офрмуваат доста длабока стреа, што го штити зидот од атмосферските влијанија. Стреите се најчесто опшиени со штици.

Меѓукатните конструкции се оформени од тавански греди, кои во овој крај се најчесто затварани од двете страни. Таваните се понекогаш малтерисани, а во чардаците често добиваат уметничка завршница офрмена од дрвена резба.

Лесната конструкција на фасадниот зид на последното ниво овозможува и испуштање на дел од основата кон надвор, познато во нашата архитектура како еркер. Еркерот е доста применуван елемент од Мијачките мајстори, сŸ до последната фаза на нивното творештво, кога создаваат сосема правилен објект. Ваквите испуштања обично се применуваат за корекција на неправилностите на основата и заради зголемување на површината на основата. Ваквиот елемент ја збогатува архитектонската форма и естетика на објектот. Понекогаш, кај неправилните основи, со еркерите не е поправана неправилноста, туку е следена или пак е напротив истакната со уште поголема неправилност. Оваквиот пристап не само што не ја намалува естеиката на објектот, туку напроитв, ја развива и ја зголемува динамичноста на истиот. Независно од неговата длабочина, еркерот е редовно прифатен со косници, кои ги подпираат таванските греди и, во овој крај, редовно се оставаат необработени.

Два различни типови на куќи, кои датираат од различни временски периоди – Тресонче

Вака поставената конструкција, до крај ги користи карактеристиките на употребениот материјал. Статичкото познавање на особините на материјалите ги довело до права скулпторска игра на волумени. Целосниот склад со бараната функција и добиената естетика, создава објекти вредни на нашето постојано внимание и истражување.

РЕЗИМЕ

Разгледувајќи го градителството во овој крај, во некои основни карактеристики, неминовно се наметнува констатацијата на неговата посебност,односно исклучивост, во однос на селското градителство во останатите краишта. Според својата функционалност и естетичност, овие објекти скоро редовно ја надминуваат  и градската архитектура.

Оваа појава на вкоренето градителство и воопшто уметничко изразување, во дејноста и суштествувањето на ова племе има извонредна важност во развојот на градителството на просторот на Македонија, но и пошироко на јужните делови на Балканот.

Посебната склоност на Мијаците кон градителството  и останатите уметнички занаети се должи на долговековното прифаќање на движењето на Богомилите, што доведува до раскинување на стегите, што ги наметнува институцијата Црква, а со самото тоа и ослободување на личноста и нејзините највисоки креативни и интелектуални потенцијали.

[1] Chevalier J., Gheerbrant A., RJE^NIK SIMBOLA, str.247

[2] Mouteopoloy K.Nikos, TA ARHONTIKA THS SIATISTAS, стр.147-159

Текст на Меланија Шарденковска

ФБ коментари

Може да ве интересира…

Заврши петтата Малореканска летна школа – „По патеките на Дичо Зограф“

Во периодот од 1 до 6 септември 2024 година, Бигорскиот Манастир беше домаќин на значаен културно-научен настан – петтата Малореканска летна школа. Овој школа посветено се занимава со духот на мијачката уметност и култура и е посветена на истражувањето на делото на еден од најголемите македонски...

Трета Малореканска Зографска Школа

Почитувани, Како и минатите години (веќе традиционално) ќе се оддржи малореканската летна школа “По патеките на Дичо Зограф”. Отворањето на школото ќе биде на 03.09.22 со почеток во 11ч во дворот на црковниот храм Св.Ап. Петар и Павле во с.Тресонче. На отворањето најавени се гости од...

Втора малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“

  Под покровителство на Министерството за култура и Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, на 5 октомври 2021 година, во с. Тресонче свечено ќе биде отворена Втората малореканска школа „По патеките на Дичо Зограф“. На отворањето на Школата, во дворот на...

Адети и песни кои се пееле за празникот Св.Ѓорѓија (Ѓурѓовден) во Мијачијата

Автор: Мојсо Поповски/lazaropolee.blogspot Песните се запишани од Васил Икономов Поповски Димкоски, објавени во Солун 1895 година, во “зборник од старо-народни умотворенија од дебарско, кичевско и охридско”. Ѓурѓовденските песни започнуваат од страна 45 до страна 49 од зборникот, со...

Нова божикна каланда „Христос се раѓа, на светот радост“

Традиционално, и овој Бадник, Здружението “Бадникови поворки” со благослов и сесрдна помош на Бигорскиот манастир, објавува Божикен спот како подарок за верниот народ. -Деновиве, на голема радост на сите, во прекрасните предели на славниот Галичник и во манастирските одаи на Бигорската...

БАДНИКОВИ ПЕСНИ И АДЕТИ

Во Дебарско особено во нашите малорекански села, вечерта спроти бадникот се подготвуваат лебови што се викаат колаци, со различни форми. Заедно со овие колаци (или колендари) замесуваат по еден голем леб што се вика чист леб, којшто го јадат на првиот ден на Божикот, кога повозрасните деца варат...

Карактеристики на мијачката куќа

При анализата на градителството и градителските традиции во Македонија, и пошироко на Балканот, сите автори се согласуваат дека Мијачкиот крај е местото од каде што потекнува плеада на мајстори градители. Неколкугодишните истражувања на терен, недвосмислено упатија на нивниот особено различен...

Постарата ерминија на Дичо Зограф е најобемното дело на народен јазик од 19 век во Македонија

Јазикот на кој е напишана допрва ќе биде предмет на научен интерес на лингвистите што ги проучуваат нашите македонски дијалекти. Една од особеностите на оваа ерминија е и билингвалноста, двојазичноста, секоја одредница, сигнатура или наслов на сцена е испишан со црковнословенско писмо, заедно со...

НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Мене куршум ме пронижа, на мајка ми да кажете Максима го женивме за црна земја македонска

Мене куршум ме пронижа, ако некој жив остане, на мајка ми да кажете Максима го оженивме за црна земја македонска, се вели во песната за војводата Максим Ненов од Тресонче, кој на денешен ден загинал за слобода на Македонија. На 29 мај 1903 година, на планината Голак, под врвот Чавките во...

Бошкачки, вториот јазик на Мијаците

Скивај, скивај каква манука ни догуруват одозгора. Ама е апсика како десетка. Апсика е вајзана, ама имат и апсик манук. Абре е апсик, ама е многу плак. Не го бидува за такечинење. Жилкај и не боботари. Го скива манукот да ѕверкат како лајаче. Ваков дијалог иако звучи како да е воден на некој...

0 Comments

КАТЕГОРИИ

КАЛЕНДАР НА НАСТАНИ

October 2024
M T W T F S S
 123456
78910111213
14151617181920
21222324252627
28293031  

СЛЕДЕТЕ НЕ НА ФБ

[custom-facebook-feed]

ПРИЈАТЕЛИ НА ТРЕСОНЧЕ