Централната прослава на големиот јубилеј 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир ќе се одржи денеска со почеток во 9 часот со Божествена архијерејска литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.
По завршувањето на литургијата пред присутните, освен архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, претседателот на Македонија. Митрополитот г. Тимотеј и епископот г. Партениј, пак, ќе доделат ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за илјадалетието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.
Поради зголемениот број случаи на заразени од ковид-19, како и засилените мерки и препораки на Министерството за здравство и на другите здравствени институции, прославата на 1000-годишнината ќе се одвива со строго запазување на предвидениот протокол за заштита.
– Програмата денеска, вклучително и светата богослужба, ќе се одвива на отворено, во дворот на Манастирот, каде ќе биде поставена монтажна бина, а, исто така, и два видео-екрана. На неколку места ќе има пунктови за дезинфекција, а носењето на маски и одржувањето на потребното растојание се задолжителни. За доследно запазување на споменатите мерки ќе биде ангажирана професионална и лиценцирана екипа на редари кои ќе се грижат бројката на посетители да не го надмине дозволениот капацитет според протоколот за заштита, соопштуваат од Манастирот.
По тој повод е објавен пригоден видео-спот „1000 години Бигорски манастир”, специјално подготвен за милениумскиот јубилеј, од продукциската куќа „Дрим фектори”.
За прославата ќе биде обезбеден директен пренос на МТВ, на Фејсбук страница и Јутјуб каналот на Бигорски и на Фејсбук страницата на МИА.
0 Comments