Текст преземен од списанието „Тресонечки Летопис“
12-16 Јули 1995
Уредник и редактор Мирко Миронски
Преработил во електронска форма Аврам Аврамовски
Изложбата ја отвори неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски Г.Г. Михаил. На отворањето присуствуваше премиерот на владата на Македонија – Бранко Црвенковски, министерката за Образование и Наука – Софија Тодорова, министерот за култура – Ештреф Алиу, дипломатскиот кор во Р. Македонија, бизнисмени и деловни луѓе како и стотици граѓани поклоници на духовната култура – Мијаци од сите мијачки села. На изложбата беа претставени 22 престолни икони, празнични икони уникатни предмети од храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“.
На 21 Јуни во музејот на град Скопје (стара железничка станица) се одигра настан од исклучително значење за Тресонче и Тресончани. Одборот за одбележување на 150 годишнината од постоењето на храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ од с. Тресонче, заедно со музејот на град Скопје пред Скопската и Македонската јавност, пред културниот, политичкиот и дипломатскиот кор, презентираа изложба на духовните вредности на споменатиот храм, ја промовираа публикацијата посветена на јубилејот и за првпат пред јавноста го презентира мијачкиот племенски бајрак.
Презентирањето на духовните вредности на Мијаците преку експонатите на тресонечката црква претставуваше настан од исклучително значење бидејќи за првпат се случи една селска црква да зачекори директно во музејот на град Скопје – на голема врата со големи вредности. На изложбата беа прикажани дел од престолните икони, царските двери, Распетието Христово, потоа низа други икони и црковни предмети од исклучителна важност како и уникатни предмети и икони од прочуениот Тресончанец Димитар – Дичо Зограф, куќи за живеење, натаму пејсажи од средината и околината во која се наоѓа Тресонче и за првпат во изворна форма беше прикажан возобновениот Крстат Бајрак – племенското знаме на Мијаците.
Организаторите на изложбата се погрижија и самото отворање на презентацијата да биде необична. И навистина беше: имено, најнапред црковниот хор „Св. Јован Кукузел“ исполни пригодни црковни песни, а потоа беше изговорен текстот на Тресончанецот Коле Чашуле од неговиот роман „Простум“..
„Отаде си гале од каде ти се гробиштата
Вековите умираат гале, царштините умират, силите умираат, човештините умираат, книгите умираат, паметниците умираат, паметењата умираат гале мој, се умира, само гробиштата не умираат
Татковината гале мој, тоа ти се гробиштата и се дотаму ти е татковината и само дотогаш додека ти отстојуваат тие со тебе или без тебе, сеедно, жива ти е и ти простуми татковината
Таму, гале мој, среди четирите ветрометни страни нејзини и среде црнилата нејзини, што се времиња нејзини, простум нејзин квјосани, само таму
Таму, гале мој, таму
Таму„
Читањето на оваа порака беше сослушано речиси во траорна тишина, а веднаш потоа се изгаснаа светлата и блесна светлината на двата свештилници специјално донесени од црквата од Тресонче наредени со стотици запалени свеќи. Во тој миг се слушна звукот на камбаните од тресонечката црква и во тишината потоа неговото блаженство, митрополитот Македонски и Охридски, поглаварот на Македонската Православна Црква, во свечена и раскошна одежда ја отвори изложбата со следната реч:
ЗВУКОТ НА КАМБАНИТЕ ШТО ГО СЛУШНАВМЕ ВЕЧЕРВА, ОВДЕ, НИ ДОАЃА ОД СЕЛО ТРЕСОНЧЕ ЗА ДА ГО ПРОСВЕТЛИ НАСТАНОТ НА СВОЈОТ ХРАМ БОЖЈИ ШТО ГО НОСИ ИМЕТО НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ ПЕТАР И ПАВЛЕ.
Во големата галерија на музејот исполнета до стотици посетители на Тресонче, Селце, Росоки, Лазарополе, Галичник и од другите мијачки села, како и многу посетители и пријатели на Мијаците од Скопје, покрај неговото блаженство, поглаварот на Македонската Православна Црква Г.Г. Михаил, присуствуваа и митрополитите Г. Кирил и Г. Горазд, потоа премиерот на владата на Р. Македонија Бранко Црвенковски, министерката за Образование и Наука – Софија Тодорова, министерот за култура – Ештреф Алиу, дипломатскиот кор на р. Македонија, амбасадорите на Италија, Франција, Словенија и многу други, понатаму пратениците во собранието на Р. Македонија, бизнисмени и деловни луѓе и многу поклоници на духовната култура во Македонија.
Македонија – рече поглаварот Г. Михаил не е без корен! Во оваа прилика тој директно се обрати до дипломатскиот кор кому му порача дека тие знаат, но дека треба да им кажат и на сите други дека Македонија е богата земја со култура, со мајсторски дела на десетици зографи и резбари од мијачките села а посебно од Тресонче.
- Тресонче, – извика поглаварот – јас мислам дека му доаѓа името од Треска, од моќта што ја имале Тресончани чија сила потоа ја насочиле во уметноста и создале чудесни дела низ цела Македонија и низ целиот Балкан и пошироко.
Творештвото на Мијакот – Зограф Дичо, Г.Г. Михаил го спореди со Ботичели и повика на многу вакви средби во иднина.
Целото обраќање на Г.Г. Михаил беше проследено со вонредна реторика, со покажување кон иконите изложени на паноата, со оддавање признание на иницијаторите што се зафатиле со едно вакво презентирање на духовните вредности на една селска црква.
- Јас, рече Г.Г. Михаил, овде денес дојдов на пладне за да видам што има изложено и за да знам што треба да кажам. Верувајте ми, извика со дигнати раце, кога видов што има, јас се воодушевив и сосема ми беше јасно што треба да кажам, и широко кревајќи ги рацете и покажувајќи кон експонатите додаде: – Замислете овде има изложени само еден, сосема мал дел и тоа само од една црква од Тресонче, а Тресонче има уште четири божји светилишта!
Поздравната реч на Г.Г. Михаил по повод отворањето на изложбата на иконите повеќепати прекинувана со спонтани и силни аплаузи, додека многумина од присутните од возбуда и радост – плачеа!
Веднаш по отворањето настана општо честитање. Многу познати и непознати со восхит ни кажуваа комплименти за засега единствената презентација со која практично почна Скопското културно лето 1995. Пред самото отворање на изложбата, група млади девојки и момчиња, во нашинска облека на посетителите им даруваа беџ – на кој беше претставена црквата Св. Ап. Ап. Петар и Павле во Тресонче и на кој стои годината 1844 – 1994. Овој беџ го подготви инж. арх. Јован Миронски, а исто така, тој ги подготви и нацртите и скиците за Крстатиот Племенски Мијачки Бајрак.
На изложбата беше презентирана и публикацијата „ Православен храм Св. Апостоли Петар и Павле“ с. Тресонче. Оваа публикација беше подготвена од соработката со музеј на град Скопје, но целокупно ликовно графичко решение предизвика голем интерес така што сите примероци што беа изложени речиси за час се разграбаа(се продаваа по 100 денари парче).
Публикацијата за црквата пред јавноста беше презентирана ден пред изложбата т.е. на 20 јуни исто така во Музејот на град Скопје на конференцијата за печат на која присуствуваа и претставниците од сите мијачки села. Тогаш беше промовиран и Мијачкиот Крстат Бајрак од кој по еден примерок им беше предаден на претставниците од селата Галичник, Лазарополе, Гари, Росоки и Селце.
Изложбата на икони од црквата во Тресонче беше предмет на информирање речиси во сите медиуми во Македонија. За неа уште во претходните месеци се информираше преку приватните и државни радија, преку печатот како и преку националната и приватните ТВ медиуми. Во весникот Нова Македонија беше објавен текст со наслов „Предизвикот на Тресонче“ во кој, покрај големата фотографија на црквата со камбанаријата текстот почнуваше вака: „Скопското културно лето, синоќа почна и со изложбата на малку познатата црква од многу познатото село Тресонче“.
Интересно доживување се случи и следниот ден во седиштето на архиепископијата во Скопје. Членовите на извршниот одбор Теодосие Саржоски и Мирко Миронски, без најава појдоа во Архиепископијата за да му оддадат лична благодарност на поглаварот Г.Г. Михаил. Без каков било протокол веднаш беа примени од Поглаварот Г.Г. Михаил кој со широко отворени раце ги пречека и ги изгушка. Со задоволство ги задржа да седнат и да бидат почестени, но кога слушна како му се искажува благодарност за неговото учество во изложбата и прекрасната реч, ги прекина и изјави: Не, чеда мои, немојте вие да ми се заблагодарувате, напротив, јас ви благодарам вам што ми овозможивте да присуствувам на еден таков собир и да кажам што ми лееше на душава. Вам ви припаѓа благодарноста а не мене – потенцираше поглаварот Г.Г. Михаил.
Претставниците на извршниот одбор беа крајно изненадени од ваквата постапка на поглаварот на Македонската Православна Црква, но Г.Г. Михаил не отстапуваше од својата мисла, а потоа дури и се самокритикува. Рече: – Направив само една грешка – и со воздишка додаде: – што на дипломатите не им се обратив со две три реченици на англиски јазик!
Средбата заврши со молба Поглаварот на МПЦ Г.Г. Михаил да дојде и во Тресонче, на 16ти јули. На оваа покана тој вака одговори: – Да сме здрави и живи… Ако сум добар можеби ќе дојдам, но ако не дојдам јас духовно ќе бидам присутен и ќе бидам со сите вас…
0 Comments