Текст преземен од списанието „Тресонечки Летопис“
12-16 Јули 1995
Уредник и редактор Мирко Миронски
Преработил во електронска форма Аврам Аврамовски
Кон крајот на осумдесеттите години, една група Тресончани почна речиси секоја година еднаш до двапати преку летото да оди в планина, на шетање, гледање и уживање во убавините на Бистра. Во овие излети владееше строго придржување на договореното: Пред се никакво трчање, брзање или делење од групата. Се одеше со едно мирно темпо, се застануваше за куса починка и најмногу од се, се раскажуваше за најразлични случки и настани особено од животот на Тресончани а и пошироко. А в планина се одеше секогаш различно: еднаш на Брзовец преку Брајково Чешмиче (Брајковче), Опни-шуп и Орлово Седало, па преку Маркова Стопалка до Големакраста, а одттаму или до Извор, или до Брзовец, или до Ловечка Куќа, или преку Аргачот кон Бајчново, во срцето на Бистра. Другпат – обратното, преку Заврток, Голем Дол и Корита, Рофјосан камен у Думостол, а оттаму преку Студена Водица, Маскаревец, на Бачило а потоа кон врвовите, кон „Колињата“ , кон синилото и сончевината, кон фиукањето на кртелот и блескаво-жолтеникавата боја на домаќинот на сите планини – на чајот, единствената билка со неопислива арома и боја и неповторлива миризба на медовина.
Пoгледот – лета како сенките од облаците и за миг префрла кон Миов Врв, преку Говедарник кон Големаливада, кон Три Гробови и таму некаде до Бајчиново, Столка, Клукачица, еј таму удолу до небидница, и сето тоа со еден поглед, во миг, цела една планина, една чистина, зелено жолта, зреана, девствена, питома, нежна, мирислива, чиста, бистра… Бистра.
-Кога ќе умрам,- вели некој од групата, -немојте да ми ги затворате очите! Сакам да ја гледам оваа убавина…
Тогаш, се роди идејата: Што правиме ние за оваа убавина? Дали и колку сме ја заштитиле? Та речиси повеќето од групата не ја знае ниту Змејовица – тој чудесен извор на студена вода окружен со шума и ливади меки како килими. Тогаш се зарековме: да ја обележиме Змејовица, да го обележиме Извор и Син Вир – воден преслап што го виделе само најхрабрите. Да ги обележиме изворите, чешмите, црквите… Таму се роди идејата, в планина, на Бистра и есента лани (1994) во куќата на Теодосие Саржоски, на ул. Каирска 10, неговиот брат Саржо Саржоски, Стефан Дојчиноски, и Мирко Миронски, се договоривме да почнеме како Иницијативен одбор за обнова и реконструкција на црквата Свети Апостоли Петар и Павле која наполни 150 години од нејзината изградба и постоење.
Тоа се случи на 30ти Октомври 1994, се договоривме да се среќаваме секој понеделник: еднаш кај Теодосие, еднаш кај Мирко, еднаш кај Стефан и така со ред. Но, бидејќи Стефан имаше службени простории во општината Гази Баба, одттогаш сите состаноци ги одржувавме таму. Секоја средба ни носеше нови идеи и предлози. Направивме и организациона структура: идејата на иницијативниот одбор да прерасне во постојано тело – Извршен Одбор а на чело на целата прослава да стои Почесниот Одбор. Изготвивме и обраќање до сите Тресончани по род и потекло! Водевме долги дискусии дали е ова добро. Се согласивме дека е добро бидејќи ние во Иницијативниот Одбор и по род и по потекло сме и од мајка и од татко, а дека веќе нашите го губат тој корен, па за да го зачуваме „кабилето“ , спомените, убавините, медовината на детелината и на јаболкниците, решивме толку така да се обратиме: До сите Тресончани по род и потекло! Да оставиме белези, да создадеме синори, да изградиме кладенци и чешми, да сочуваме храмови и светилишта рисјански – во спомен на сите родени во Пешковци, Кадиевци, Јодровци, Лековци, Врлевци, Петровци, Србиновци, Крајниковци, Јуруковци, Тризловци, Бошковци, Кичевци, Екмежиевци, Брадиновци, Врлевци, Петровци, и синорите Тресонечки: Маскаревец, Полце, Поличица, Брзовец, Соколица, Лазароски Рид, Коритник, Рофји, Бара, Зла Страна, Миова Планина, Пичкарница, Капи Кур, Пашиница, Чукни Топаница, Чурков Дол, Брадинова Дупка, Осојница, Пискупија или Голем Брзовец.
Ете, така се роди една идеја и еден завет – генерациски. Сите што ја подржаа оваа идеја и ја подржуваат им должиме голема благодарност – СПОЛАЈ ВИНА СИТЕ!
0 Comments