Текст преземен од списанието „Тресонечки Летопис“
12-16 Јули 1995
Уредник и редактор Мирко Миронски
Преработил во електронска форма Аврам Аврамовски
Мијачките резбари ги исполниле црквите и манастирите со прекрасни резбани иконостаси, владички тронови, амвони, балдахини, царски двери, певници, целиванија. Со владичките тронови резбарите го изразувале владејачкото достоинство, а со амвоните го истакнувале возвишеното место пред олтарот откаде, преку симболичниот камен откорнат од гробот на Христа се искажувале молитви, проповеди и помени. Со балдахинот го искажувале ”небото” што стои пред олтарот, подоцна покривач над престол или кревет од скапоцена материја (златноткаена) која најнапред се изработувала во Багдад, а со литиите се изразувале разновидни молепствија како израз на побожноста на луѓето.
Резбарството – најоригинална појава
Мијачкото резбарство се јавува во радиус од Југот на Балканот до Средна Европа и од Јадранско до Црно Море. Резбарството кај Мијаците се оценува како една од најважните и најоригиналните појави во народната уметност, а за време на преродбата на македонскиот народ, Мијаците спаѓаат меѓу првите преродбеници.
Гари, Осој, Тресонче, Галичник биле вистински центри откаде уште пред 200 години се јавиле мајстори-градители, зографи, копаничари. Познати се родовите – резбарски Рензовци од Тресонче ,Филиповци од Гари, Филиповци од Осој, Станишевци од Тресонче, Фрчковци од Галичник, Дичо Зограф од Тресонче и други кои засекогаш ќе останат светилници во преродбата на Македонската историја. Граделе низ Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Албанија, Бугарија. Во Тресонче, според досегашните истражувања, има повеќе резбарски родови и речиси исто толку и зографски родови. Но, во повеќе родови, некои се занимавале со резбарство, а некои со зографисување, додека трети се истакнувале со градителски способности па се јавувале како копаничари на камен или и сл. Еден таков комплетен род, на пример, бил Рензоскиот кој ги имал сите занаети: од четворицата брака Дамјанови, еден се занимавал со зографство, друг со резбарство, трет со архитектура – проектирање, а четвртиот за други работи т, е. за клепање на каменот, за видањето и за другите форми на дрвените предмети. Така овие браќа претставувале елитна тајфа која била надалеку позната и прочуена. Дамјан бил син на Јанкула кој работел во Солунско и во Бугарија (Самоков, Пловдив и други места). Дамјан ја почнал градбата на црквата Св. Богородица во Скопје, која изгорела во пожарот за време на окупацијата во 1944 година. Дамјан умрел пред да ја заврши црквата, па работата ја продолжиле неговите синови: Андреја, Ѓорѓе, Никола и Косто. Оваа братска тајфа градела цркви во Повардарието, низ Србија, Босна, Бугарија, а во почетокот работеле во Тракија и во Егејското Приморје. Браќата работеле заедно и ги преземале сите работи во црквите: изградбата, иконописот, зографството и копаничарството.
Емин-ага ги бара Рензовци
Родот Рензовци потекнува од Тресонче. По барање на Емин-ага од Велес се доселиле најнапред во близина на некое село, а подоцна во Папрадиште.
Балабанов раскажува дека кога Емин-ага побарал мајстори за касарните а подоцна и за конаците во Велес му рекле дека за таа работа одговараат само браќата Дамјанови. Така тие најнапред дошле во некое село кое денес не постои а целта била да не одат често дома во Тресонче, т.е. за да не трпи работата. Подоцна мајсторите пак му се пожалиле на агата дека нивните жени се разболуваат и затоа ќе ја напуштат работата. Агата им дал слобода да си најдат место каде што сакаат и каде што им одговара климата на жените на онаа од Тресонче. Така тие се населиле во Папрадиште и таму им бил семејниот центар. Родот Рензоски според записите, започнува со Мирче и син му Богдан кој живеел во првите децении на 18 век. Богдан бил познат како добар зограф кој му направил портрет на тогашниот султан за што овој го наградил. Богдан имал двајца синови: Силјан и Стефан кои биле мајстори-градители. И Силјан имал два сина: Јанкула (1750) и Стефан (нешто помлад). Тие веќе го носеле презимето Силјанови. Градителската дејност ја продолжиле во Тракија, Серес, Драма, Кавала и Солун. Јанкула изградил голема црква во Драма и една црква во Солун, Јанкула исто така имал два сина: Дамјан и Цветко, а Дамјан имал четворица синови: Ѓорѓе, Андреја, Косто и Никола и тоа се оние прочуени зографи, копаничари и иконописци кои комплетно ги граделе црквите од нивното проектирање па се до крајот. Нивниот род натаму уште се шири и секако, треба да се истражува. Овој родовски запис го овозможил синот на Јаков, значи од оние четворица брака, едниот Ѓорѓе, имал син по име Јаков а овој пак исто така син кој го крстил на татка си т.е. Ѓорѓе, кој го раскажал родословието на Рензовци и кој одново го зел презимето Зографски заедно со Димитрија Андонов Папрадишки. Од кој род е пак тој исто така треба да се истражи.
Цели родови – копаничари
Друг познат копаничарски род од Тресонче бил Станишевци. Основоположник на родот се споменува Станиш кој имал син Гешо (1780-1830) а овој тројца синови – Димитар (1806-1866) и Андон (1824-1904). Од Тресонче се преселиле во Крушево каде што во еден момент овде се собрапе окопу 400 мијачки фамипии. Резбарство и градителство Гешо учел од својот татко Станиш кој бип резбар и мајстор-ѕидар. Извесно време работел и со Рензовци. Третиот син на Гешо се викал Петар но за него нема податоци.
Димитар најнапред работел со тајфата на Гарката во манастирот Бигорски, потоа во Св. Богородица во Скопје и во Рилскиот манастир, а потоа формирал своја сопствена тајфа. Негови дела се иконостасот и амвонот во црквата Св. Благовештение во Прилеп, потоа иконостасот во црквата Св. Никола во Крушево, а автор е и на: иконостасот и владичкиот трон во св. Богородица во Охрид, амвонот, владичкиот трон и царските двери во црквата Св. Илија во Радовиш, тронот на Богородица Чудотворна во Пеќката Патријаршијак, кивотот на кралот Стефан Дечански во манастирот Дечани, владичкиот трон во црквата Св. Богородица во Ново Село, Штипско, владичкиот трон и царските двери во црквата Свети Илија во Дојран, потоа со братот Андон ги изработиле иконостасите за две цркви во Калофер, а во пловдивската црква Св.Марина, Димитар го изработил прекрасниот владички трон. Потоа се вратил во Македонија и на 60-годишна возраст умрел. Неговиот брат Андон ја продолжил резбарската традиција и исто така работел во многу цркви каде што создавал иконостаси, владички тронови, балдахини и сл. Андон работел и таваници, врати, долапи и др., а го изработил и иконостасот на црквата Св. Недела во Софија, владичкиот трон во црквата Св. Јован во Казанлак и неговото најубаво дело-иконостасот во црквата Св. Троица во Свиштов каде што и починал во 1902 или 1904 год. во Никопол каде се преселил од Свиштов.
Резбарски родови од Тресонче се и Данаиловци и Анѓелковци . Данаиловци многу не се познати. Основач на родот бил Данаил, кој бил резбар, а тој имал син Мојсо кој умрел 1912 во Бугарија. И таткото и синот работеле во Бугарија: Казанлак. Стара Заго- ра и Сливен.
За Анѓелковци постојат вакви податоци: Анѓелко бил најстар резбар на овој род. Се преселил од Тресонче во Папрадиште, во времето на преселбата на Рензовци. имал двајца синови: Петар и Илија, Петар имал син Китан а овој три сина: Андон, Петар и Никола. Андон исто така имал три сина: Димитри, и Велко. за Димитри се знае дека умрел во 1953 што значи дека има современици за кои треба да се истражува.
И Велјан Огненов бил резбар и зограф од Тресонче. Во 1837 во Банско во црквата Св. Троица како мајстор-резбар бил повикан да го украси објектот каде оставил чудесни творби.
0 Comments